Американската компанија „Амазон“ подготвува планови за да почне со производство на нов домашен робот, кој најрано би се нашол на пазарот во 2019 година. Наречен „веста“ по римската божица на домот и семејството, се претпоставува дека проектот за „домашниот“ робот е стар неколку години, но најновите чекори во однос на неговото тестирање со поставување прототип-уреди во домовите на вработените во компанијата создаде многу шпекулации.


Домашниот робот би можел да биде мобилен (подвижен) уред со паметен звучник, а според американските медиуми, некои верзии имаат и вградени камери со специфичен софтвер, преку кој уредот би можел да се движи во домот, нешто слично на автономните автомобили.

Подобрен асистент за секојдневни обврски

Новиот продукт отвора можност за „Амазон“ да ја подобри својата позиција на пазарот на технологија наменета за домовите, каде што веќе имаат најразлични видови успешни производи. Познавачите на состојбите од оваа сфера велат дека компанијата на Џеф Безос има намера со овој продукт да се пробие на специфичниот пазар за иновативни технолошки продукти. Се смета дека роботот-асистент на „Амазон“ би му овозможил уште поголема предност пред „Гугл“ на пазарот, во однос на продукти од овој тип. Претходно, „Амазон“ го создаде првиот паметен звучник наречен „амазон ехо“ или „алекса“, кој може преку звучни команди да извршува задачи како што се поставување листа за купување намирници, поставување аларми, пуштање музика и да врши многу други корисни функции за домаќинството. Се очекува дека „веста“ би ги вршела сите овие функции што ги врши „алекса“, со тоа што дополнително би се претворила и во домашен асистент што може да врши и физички работи. Долгогодишните инвестиции на „Амазон“ во вештачката интелигенција би помогнале за создавање на овој робот, кој овозможува голем број најразлични команди во домот, но не може да извршува задачи што би ги работел еден робот. Идеално, „веста“ би можела да сортира намирници, да носи пијалаци низ домот, да дипли облека и слични секојдневни обврски.

Заштита на приватноста

Експертите велат дека „Амазон“ има цел да го ги подобри сите аспекти од животот на корисниците, а вистински начин за тоа е имплементирање паметен звучник на робот што би ги извршувал домашните обврски. Идејата е корисниците, пред сè во САД, каде што овој продукт е најпопуларен, да не мора да поставуваат повеќе индивидуални уреди „алекса“ во секоја соба од домот. Со неодамнешниот скандал поврзан со Фејсбук и нивното објавување информации на корисниците, се поставува и прашањето за приватноста на корисниците на овој продукт. Станува збор за можноста успешно да се зачувува приватноста на корисниците во услови кога паметниот робот ги снима луѓето кога тие се однесуваат најкомотно во своите домови. Општото мислење е дека овој аспект и начин на размислување не би го намалил успехот на пазарот на продуктот и дека заинтересираноста и покрај сите скандали врзани со приватноста ќе биде многу голема.

Домашни роботи

Домашните роботи постојат со декади, но нивниот успех на светските пазари е многу мал. Исклучок е роботот „румба“ на компанијата „АјРумба“, кој врши една и единствена функција, а тоа е вшмукување во домот. Од 2002 година, продадени се повеќе од 20 милиони парчиња од овој уред. Медиумите во САД известија дека по најавувањето на планот на „Амазон“ за создавање нов домашен робот, акциите на „АјРумба“ паднале за дури 8,6 отсто. Тоа е доказ дека постои простор на пазарот за уред од овој тип и можност за унапредување на овој аспект од технологијата во денешното, технолошки напредно општество.