Во медиумите во Хрватска често работат потплатени и заплашени новинари, кои не се одлучуваат да се занимаваат со најсериозните проблеми во домашното општество како што се корупција, непотизам, политичката трговија нефункционалноста на правосудниот систем и сл. Ова е наведено во соопштението на Синдикатот на новинарите во Хрватска издадено по повод трети мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, во кое се предупредува на сѐ полошата положба на новинарите и на медиумите, со што се загрозува слободата на медиумите и правото на јавноста за квалитетно информирање, објави Новилист.хр.
– Хрватското новинарство е оптоварено со проблеми. Посебно загрижува состојбата во приватните медиуми во кои постојано вработените новинари се под голема пресија и постојано им се намалуваат или укинуваат правата дури и кога позитивно работат – се наведува во соопштението на новинарскиот синдикат потпишано од претседателот Антон Филиќ.
Во потешка состојба се новинарите што немаат договор за работа, како и сѐ повеќето студенти што се ангажираат како новинари. Инспекциите не би требало да ги затвораат очите пред злоупотребата на „студентскиот сервис“, преку кој некои телевизиски куќи доаѓаат до евтина работна сила, а тие мораат на своите шефови да им враќаат дел од заработените пари, предупредува Филиќ.
Во Хрватска има премалку истражувачко новинарство, а премногу површно и озборувачко, за што се виновни главните уредници, кои поради негативната селекција ја изгубија одговорноста пред новинарите и новинарството и често се продолжена рака на сопствениците. Не можеме да имаме слобода на медиумите и квалитетно информирање ако се занемаруваат професионалците, кои треба да известуваат, истражуваат и да ја информираат јавноста. И покрај сѐ, новинарите не смеат да отстапат, затоа што читателите, гледачите и слушателите имаат право на чесна и вистинита информација. Само за вакво новинарство можеме да кажеме дека е јавно добро, како што се јавното здравство и образование, порачуваат од Синдикатот на новинари во Хрватска.