Американскиот претседател Доналд Трамп призна дека му платил повеќе од 100 илјади долари на поранешниот личен адвокат Мајкл Коен и тоа повторно отвори прашања за неговите врски со порноѕвездата Сторми Даниелс. Објавата на тоа признание во согласност со етичките правила фрли светло на недоследност на објаснувањата што Трамп и неговите соработници претходно ги изнесоа за исплата на 130.000 долари што Коен ѝ ги дал на Даниелс пред претседателските избори во 2016 година, за таа да молчи во врска со наводната интимна средба со Трамп десет години претходно, објавуваат американски медиуми.
Документот со признание што го потпиша Трамп, а го објави американската канцеларија за владина етика, предизвика и коментари меѓу демократите и невладините организации за можно кршење на Законот за финансирање предизборни кампањи, а кој бара јавно објавување трошоци за вршење влијание врз избори.
Во меѓувреме, Руди Џулијани, адвокатот на американскиот претседател, изјави дека тимот на специјалниот обвинител Роберт Мјулер ја известил Белата куќа дека не може да подигне обвинение против Трамп без оглед на тоа какви докази може да собере против него во истрагата за руско мешање во изборите во САД.
Поранешниот градоначалник на Њујорк изјави за Си-ен-ен и Фокс њуз дека тимот на Мјулер, кој испитува дали имало заговор меѓу Русија и предизборниот штаб на Трамп за изборите 2016 година, прифати да се придржува до одредба на Министерството за правда од времето на претседателот Ричард Никсон, која била потврдена и за време на Бил Клинтон. Според неа, не може да се подигне обвинение против актуелен претседател.
– Можат само да известат. Не можат да подигнат обвинение. Го признаа тоа пред нас – изјави Џулијани.
Малер беше назначен за специјален обвинител пред една година, на 17 мај.