Секојдневните континуирано високи бројки на новозаразени и починати од ковид-19 предизвикуваат сериозни психолошки последици кај граѓаните. Психолозите изминатиот период дијагностицираат панични напади, задушување и растројства (дури и при најмал симптом) како најчести форми на здравствени нарушувања кај граѓаните. Како да се надминат овие предизвици и да се победат стравовите, кои понекогаш може да бидат и нереални

ПСИХОЛОЗИТЕ АЛАРМИРААТ

Секојдневните статистики за бројот на новозаразени и починати од ковид-19, сознанијата за тешките состојби низ кои поминуваат болните и воопшто стравот за сопственото и здравјето на блиските ја зголемија потребата од психолошка помош кај граѓаните. Агонијата низ која поминува болниот, но и неговите блиски, исполнети со страв дали нивниот близок ќе преживее по денови и денови поминати со висока температура, кашлање, снеможеност, изгубен апетит и, од друга страна, огромен број испиени лекови, дополнето со сознанијата за брзо ширење на вирусот, при што секој може да стане потенцијална жртва, остава последици врз психата и менталното здравје кај луѓето. Психолозите дијагностицираат панични напади, задушување и растројства како најчести форми на здравствени нарушувања. Притоа, интересен е и податокот дека многу повеќе психолошка помош бараат граѓани што не се заразени отколку оние што веќе се заразиле од ковид-19.

Кај овие првите велат дека пред да влезат во изолација е присутен паничен напад, задушување, па дури имаат и пациенти со психичко растројство, пациенти што имаат анксиозност за здравјето. Некои од психолозите додаваат дека првата категорија на пациенти е вообичаена, тие луѓе имаат страв, се прашуваат што да прават при каков било симптом што го нарушува нивното здравје. Им доаѓаат пациенти со панични напади, хипохондрија или растројство, анксиозност за здравјето и разни други нарушувања.
– Дефинитивно повеќе пациенти доаѓаат пред да бидат заразени и нивниот страв е многу поголем од оној на оние што веќе прележале ковид-19. Оние што веќе прележале коронавирус имаат пад на расположението и пред сѐ страв да не поминат низ сето тоа и нивните блиски. Во тоа седење дома повеќе им се разработиле некои мисли, особено во случаите ако некој починал од ковид-19, ако е тоа родител, како да им соопштат на децата. Но дефинитивно повеќе страв имаат оние што не се заразени. Било да имале загуба на близок или некој на работното место, кај луѓето се јавуваат пад на расположението, немир, преокупација на мислите. Некои од пациентите што ни доаѓаат, ако малку ги заболел стомак, веднаш се плашат да не е коронавирус. Се чини дека коронавирусот придонесе за појава на каков било симптом кај луѓето да се јавува страв за здравјето. Но, секако, има и позитивни работи на кои нѐ научи коронавирусот, како на пример носењето маски за да се заштитиме и од сезонскиот грип. Можам слободно да кажам дека има зголемена побарувачка од психолошки услуги и зголемен број на посетеност на психолошките советувања.

Најчесто ни доаѓаат млади пациенти, на возраст помеѓу 20 и 30 години, млади што биле на некакви раководни позиции, лидери и слично, што е доказ дека пандемијата влијае на менталното здравје, а секако пациенти ни се и повозрасни лица. Затоа велам дека психолошка поддршка му е потребна секому, безмалку е потребна како што е потребен и матичен лекар – вели психологот Јасмина Јунуз од Скопје.
Нејзината колешка, психотерапевтката Благородна Димова од Неготино додава дека во оваа пандемија за своето здравје се исплашени сите, но оние што се грижат за своето здравје си ги знаат потребите и полесно поминуваат.
– Паниката кај пациентите предизвикува влошување на состојбата. Во семејствата каде што се зборувало за болеста, за заштитата и слично е сосема поинаква ситуација. Во мојата практика повеќе работам со адолесценти и со возрасна група на луѓе до 45 години. Од нив, доста се појавуваат со состојби на анксиозно однесување, со еден реален страв, бидејќи бројките на смртност од ковид-19 секојдневно растат. Има и нереални стравови, бидејќи ако ги почитуваме мерките, нема зошто да се плашиме. Најчесто од нереални стравови страдаат луѓе со послаб емоционален капацитет. Имаме и пациенти со скриени психолошки состојби, кои дошле до израз особено во семејствата каде што има сега зголемено семејно насилство или поради изолацијата тоа добило интензитет – објаснува психотерапевтката Димова.


Денови на психологијата 2020 – Еден за сите, сите за еден!

Комората на психолозите на РС Македонија од утре, 18 декември, до 27 декември ја организира националната платформа на психолозите за унапредување на менталното здравје – Денови на психологијата со наслов Ментално здравје 2020: Еден за сите и сите за еден!
– Оваа година навистина беше исполнета со предизвици, интензивна психолошка поддршка и помош што беше и сѐ уште е актуелна поради долготрајната пандемиска ситуација. Оваа ситуација силно ги активираше сите наши системи на поддршка и потреба за соработка. Но истата таа не нѐ одмина и нас психолозите, па така и ние поминувавме и поминуваме низ многу промени, кои можеби ги слабеат и/или ги зајакнуваат нашите лични и професионални капацитети за адаптација во услови на пандемија.
Едно е сигурно, специфичноста на 2020 г. ги поттикна сите наши капацитети за вложување, ангажирање и придонес кон нашата заедница, водејќи се од повисока смисла и вредности, како и од личната и колективната одговорност! – велат од организацискиот одбор на Деновите на психологијата.
Во рамките на програмата се предвидени 33 психолошки акции што ќе бидат реализирани во периодот од 18 до 27 декември, пријавени од страна на лиценцирани психолози.