Претседателот на Собранието, Талат Џафери, смета дека нема уставна ниту деловничка основа да поведе постапка во случајот со пратеникот Павле Богоевски и очекува ефикасно постапување на надлежните институции за целосно расчистување на случајот.
– Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, секогаш кога според Уставот и деловникот на Сoбранието е должен да постапува, презема конкретни иницијативи и мерки што се во согласност со неговата надлежност. Во овој момент нема основа за каква било постапка. Претседателот на Собранието очекува дека надлежните институции ќе постапуваат ефикасно и целосно ќе го расчистат случајот – велат од кабинетот на Џафери.
Од Владата, пак, за случајот со пратеникот Павле Богоевски упатуваат дека одговорите треба да се бараат во Собранието, бидејќи во нивна надлежност се прашања или случувања што се однесуваат на одговорноста на владини функционери.
– Во овој конкретен случај, имајќи предвид дека станува збор за пратеник што е дел од законодавната власт, сметаме дека е потребно овој одговор да го дадат во Собранието. Инаку, конкретно во однос на поднесената пријава од страна на пратеникот сите засегнати институции ќе постапат според прописот за расветлување на случајот, особено за снимањето и емитувањето на материјалот што е забранет, како и за самоиницијативно поднесената пријава од страна на пратеникот Павле Богоевски – изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.