ДО СОБРАНИЕТО ПРИСТИГНА ПРЕДЛОГОТ ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ
Владата му даде на Собранието насоки за четири суштински измени на Уставот
за спроведување на спогодбата со Грција.
Првата уставна измена се однесува на додавање на придавката „северна“ во името на Република Македонија, односно секаде во Уставот каде што стои Република Македонија да стои Република Северна Македонија.
Ако тргнеме во исполнување по таа логика, на пример само за првото барање на Грција, ново име за севкупна употреба, во Уставот ќе треба да се направат 288 измени – толку пати се споменува Република Македонија во македонскиот
устав.
Предвидени се измени и во Преамбулата на Уставот.
Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија, при наведувањето на државноправните традиции, ќе се именуваат конкретни документи на АСНОМ.
Со третата уставна измена, ќе се засили со одредба за почитување на територијалниот интегритет и политичката независност на соседните земји.
Четвртата измена се однесува на положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија.
„Нова Македонија“ е чедо на АСНОМ
На третата седница на Президиумот на AСНОМ, одржана од 2 до 5 септември, во Прохор Пчињски, веднаш по рефератот на референтот и повереник Панко Брашнаров, била донесена одлуката за основање дневен весник.
Веднаш потоа било задолжено Агитациско-пропагандното одделение (АГИТПРОП) при ЦК КПМ и Главниот штаб да формира и специјална комисија, која ќе го подготвува и ќе го издава овој дневен весник, за чие име уште веднаш паднале три предлози – Независна Македонија, Слободна Македонија и Нова Македонија. Третото име, Нова Македонија, било најприфатливо, бидејќи истакнувало дека станува збор за нова преродба, нова современа македонска држава, со поинакво општествено политичко уредување, со нови и поинакви принципи и начела на раководење и живеење. Иако битките за конечно ослободување биле во тек и интензивно се одвивале, во исто време до сите народноослободителни одбори и други органи и организации пристигнала директива на Поверенството за информации, во која дури и се дал потсетник за тоа „што да се пише во дописките“. Притоа се нагласува дека „весникот нема да е еден сувоофицијален орган, кој ќе публикува само заповеди и решенија и ќе излегува само со некоја политичка статија, ами треба да се претвори во широк, масовен лист, да стане истински народен весник…“
Што содржи Манифестот од Првото заседание на АСНОМ
Во историјата на македонскиот народ се познати повеќе манифести, меѓу кои најзначајни се: Манифестот на привремената влада на Македонија од 1881 година, Крушевскиот манифест од 1903 година, Мајскиот манифест од 1924 година и Манифестот на Првото заседание на АСНОМ. Сите овие манифести имаа една заедничка црта – ги истакнуваат идеалите на нашите предци, за единство и обединување на сите сили до конечно ослободување на Македонија, како и аманет за зачувување на нашите корени. Поради огромното историско значење на овој настан, во сите тие дебати АСНОМ само ја потврдуваше, а денес уште посилно ја зацврстува својата централна и темелна позиција во однос на современата македонска држава. Манифестот од Првото заседание на АСНОМ не е само свечено обраќање до македонскиот народ туку аманет да се продолжи да се работи до целосно исполнување на светите илинденски идеали. Во Манифестот се наведува дека само со борба против подлиот окупатор ќе го спечалите правото на самоопределување и обединување на целиот македонски народ… Македонци, запомнете го вашето потекло (име) и не одрекувајте се од него, се пораките.