Најновото издание на качувачкиот документарен серијал „Рил рок“ по четврти пат ќе се одржи денеска, во 19 часот, во градскиот парк, на Школка, во рамките на Скопскиот спортски фестивал. Ќе бидaт претставени најголемите качувачки приказни, кои ќе донесат возбудлива акција, голема смеа и вистинска инспирација.
– „Рил рок“, качувачкиот документарен серијал, стигна до своето дванаесетто издание, во чии рамки повторно ќе биде претставена најновата колекција на возбудливи качувачки филмови, кои ги прикажуваат најголемите приказни и атлети во рамките на качувањето. Оваа година, вклучувајќи ги приказните за Марго Хејс, првата жена што искачила 5,15, потоа Бред Гобрајт, соло-ѕвезда во подем со зависност од крофни, враќањето на Крис Шарма – информира Тони Димитров.
Дванаесеттата филмска турнеја „Рил рок“ традиционално почна во септември во Болдер, Колорадо, а потоа премиерите продолжија насекаде низ светот, прикажувајќи ги најдобрите филмови за алпинистичките авантури на публиката низ светот.
– Оваа година Скопје, заедно со уште околу 500 града низ светот, повторно ќе ја има несекојдневната можност да го гледа најновото издание и ќе добие уште една доза од најголемите аутдор и качувачки достигнувања од најзначајните и најискусните качувачи – додаваат организаторите на „Рил рок Македонија“.
Основани во 2006 година, од страна на Џош Ловел и Питер Мортимер, проекциите „Рил рок“ ги прикажуваат најдобрите филмови за алпинистичките авантури на публиката низ светот и се духовни настани, каде што алпинистите, авантуристите и љубителите на природата се здружуваат за да ја прослават и искусат срцевината на авантуристичкиот филм. Дел од забавата на ваквите настани секогаш се и различни презентации, доделување награди, присуство на врвни алпинисти, кратки филмови и претставувањa, а локалната програма се состои од филмови и презентации за најголемите достигнувања на локалната качувачка сцена.
Настанот е поддржан од Американската амбасада во Скопје.