Со своето дваесет и петгодишно монашко и игуменско искуство, отец Партениј влегува во архијерејски чин со досега најголем монашки стаж во поновата историја на МПЦ-ОА. Тој е четиринаесеттиот владика во Синодот
Игуменот на бигорската обител, отец Партениј е новиот епископ на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), а Бигорскиот манастир станува епископско седиште. Синодот на МПЦ-ОА едногласно го избра за нов епископ на вчерашната седница по предлог од дебарско-кичевскиот митрополит г. Тимотеј.
Неговата хиротонија е закажана за 12 јули годинава, во храмот „Света Софија“ во Охрид. Отец Партениј ќе ја има улогата на викарен епископ на дебарско-кичевската епархија, со титула епископ антаниски (според македонскиот антички град Антанија, кој бил епископско седиште), и останува во Бигорскиот манастир, каде што ќе биде неговото епископско седиште.
Со своето дваесет и петгодишно монашко и игуменско искуство, отец Партениј влегува во архијерејски чин со досега најголем монашки стаж во поновата историја на црквата. Тој е четиринаесеттиот владика во Синодот на МПЦ-ОА.
Архимандрит Партениј Фидановски е роден на 29 октомври 1970 година во Битола. Уште од најрано детство бил задоен со силна љубов кон Бога. Својот духовен пат го продолжува во средното богословско училиште во Скопје. Потоа го завршува и Теолошкиот факултет во Скопје. Неговото вистинско духовно созревање почнува во манастирот „Грегоријат“ на Света Гора, каде што престојува околу пет години. По враќањето, во 1995 година, доаѓа во Бигорскиот манастир и повторно го заживува. Таму, отец Партениј прима монашки чин, а истата година е ракоположен и за јероѓакон и јеромонах. Следната година е произведен за игумен, а во 1998 година е одликуван со архимандритски чин.
Голем е бројот на оние луѓе што со негова помош се спасиле од разните пороци.
Игуменот Партениј, исто така, негува добар однос со црковни великодостојници од неколку помесни православни цркви, со што зема удел во борбата за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, најпрво од страна на Вселенската патријаршија, како врховна црковна инстанца во православието, а потоа и од другите помесни православни цркви.
Тој е добитник и на највисоката почесна награда на Европската Унија – „европски граѓанин“, поради неговата хуманитарна дејност, работата со социјално ранливи категории, како и јакнењето на соживотот и меѓусебното почитување во земјата.
Името на отец Партениј повеќе години се наоѓаше на листата на кандидати за епископи на МПЦ-ОА, а пред петнаесетина години одбил да стане митрополит на Повардарската епархија, со образложение дека не сака да ги напушти Бигорскиот манастир и мијачкиот крај.
Отец Партениј станува владика во годината кога Бигорскиот манастир слави 1.000 години од неговото основање во 1020 година.