Трендот на иселување висококвалификувана работна сила продолжува Фото: Дарко Андоновски

Земјите од Западен Балкан мора да достигнат пораст од пет отсто за да можат за 20 години граѓаните од ова поднебје да го имаат просекот на Западна Европа, се вели во редовниот економски извештај на Светската банка

Светска банка гледа позитивен тренд во регионот на Западен Балкан и има позитивни прогнози за економскиот пораст во Македонија во блиска иднина. Но оттаму укажуваат и на опасностите за економски пораст на регионот, на појавата на масовно иселување, но и на потребата од економски пораст од најмалку пет проценти. Редовниот економски извештај на Светската банка за Западен Балкан покажува дека економиите на Македонија и на Србија влијаеле на намалувањето на порастот на економијата на Западен Балкан, од 3,1 проценти во 2016 година на 2,4 проценти во 2017 година.

– Влијанието на политичката криза врз економијата во Македонија беше подолго од очекуваното. Порастот забави на нула во 2017 година поради големото намалување на инвестициите. Но економијата почнува да закрепнува во 2018 година поради потрошувачката и закрепнувањето на инвестициите – изјави директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели. Светска банка ја поздрави заложбата на Владата за фискална консолидација со фискалната стратегија, а го нотира и ланското намалување на јавниот долг првпат по 2008 година. Препорачува зголемување на приходите и подобро менаџирање на расходната страна.

– Има простор за зголемување на приходната страна преку ефикасна наплата на даноците и зголемување на нивниот квантитет. Истите тие треба да бидат искористени за продуктивна цел, не на тековни трошоци и нецелни социјални трошења како во минатото – кажа економистот во канцеларијата на Светска банка во Македонија, Бојан Шимбов. Според Светска банка, интеграцијата на Македонија во НАТО и во ЕУ може да ги забрза структурните реформи и да ја зголеми довербата на инвеститорите, а забрзаниот пораст ќе помогне во фискалната консолидација.

Препорачува континуирани заложби за фискална консолидација, воведување даночни реформи, подобрување на квалитетот и ефикасноста на социјалните трошења, рационализација на субвенциите, особено во земјоделството, обезбедување одржливост на пензискиот систем, подобрување на управувањето со јавни финансии и на јавните инвестиции. Според Светска банка, еден од главните предизвици за регионот, како и за Македонија, е иселувањето на високообразовани кадри. Податоците покажуваат дека најголемо иселување има од Косово и од Босна и Херцеговина. Од Македонија се иселиле 25 проценти од популацијата. Покрај високообразованите, се иселуваат и нискообразовани граѓани, што, според Светска банка, упатува на сезонско иселување.

– Долго не е спроведен попис и не може да се одреди точната бројка. Извор на податоците се Обединетите нации и Виенскиот институт, со што, проксимативно, бројката е 25 отсто од популацијата. Во 2015 година сме имале историски максимум на иселување, споредено со 2000 година. Трендот на иселување висококвалификувана работна сила продолжува – појасни Шимбов. Според регионалната директорка во Светска банка за земјите од Западен Балкан, Линда ван Гелдер, порастот во регионот е ранлив од домашни и надворешни шокови, порастот што го прогнозираат за следните години е условен од вистинска комбинација на политики и регулативи за намалување на ранливоста од шокови и за поддршка на порастот. Таа порача дека земјите од Западен Балкан мора да достигнат пораст на ниво од пет проценти за да можат за 20 години граѓаните да го имаат просекот на граѓаните од Западна Европа.

– Доколку останат на сегашното ниво, ќе им требаат шест децении – истакна Ван Гелдер. 


Светска банка го поддржува прогресивното оданочување

Светска банка смета дека е прифатливо воведувањето прогресивно оданочување, но порачува Владата да направи внимателна анализа околу висината на износот на кој ќе се однесува повисоката стапка на оданочување. Од Светска банка укажаа на фактот оти Македонија, заедно со Албанија и со Косово, има најниски приходи во Европа. Според Светска банка, рамниот данок што се применува сега е една од причините за ниските приходи. Во однос на реформите во пензискиот систем, од Светска банка наведоа дека анализата е во тек, има повеќе можности и дека зголемувањето на старосната граница за пензионирање е една од нив.