Напаѓачот на Барселона е првиот фудбалер што 15-та сезона во низа постигнува гол во ЛШ, а ќе треба да постигне и следната сезона, за да се израмни со Велшанецот Гигс, кој постигнуваше голови во вкупно 16 сезони

Аргентинецот Лионел Меси, напаѓач на Барселона, е првиот фудбалер што 15-та сезона во низа, почнувајќи од 2005/2006 г., постигнува гол во Лигата на шампионите (ЛШ). Но Меси ќе треба да постигне гол и следната сезона, за да се израмни со Велшанецот Рајан Гигс, кој постигнуваше голови во вкупно 16 сезони во ЛШ.

Меси (32) го постигна првиот гол во 3-та минута од мечот против Славија во Прага, кој каталонскиот тим го доби со 2-1. Славија беше 33-от тим во ЛШ против кој Меси постигнува гол (првиот беше Панатинаикос), со што се израмни со Раул и со Кристијано Роналдо во таа категорија. Со оглед на фактот дека Меси не успеа да постигне гол против Интер и против Борусија Дортмунд во првите две кола во групата, има шанси да го подобри својот ефект на наредните два меча, на 27 ноември дома со Борусија и против Интер, а на гости во Милано, на 10 декември. Рубин, Атлетико, Бенфика, Удинезе и Левски се петте други екипи во ЛШ против кои Меси не успеал да постигне гол.

Од почетокот на сезоната 2017/2018 досега Меси има 19 гола за Барселона во ЛШ, вкупно 113 (повеќе има само Кристијано Роналдо, 127). Меси освои четири титули во ЛШ (2006, 2009, 2011 и 2015-та) и дури осум титули првак на Шпанија во последните 10 сезони. Зад неговото име е запишано и дека во кариерата во дресот на Барса на 694 натпревари во сите конкуренции постигна 606 гола и има 245 асистенции.
– Меси е сѐ подобар и подобар, од ден на ден, тој е фудбалер што може да го реши секој меч. Тој постави уште еден рекорд, што е неверојатно. Лесно е да се каже, изгледа како тоа да е природно, нормално, но верувајте многу е тешко да се стори – изјави тренерот на Барселона, Ернесто Валверде.

Актуелниот шампион, Ливерпул, очекувано, забележа победа на гости над Генк, со 4-1, но не брилјира, особено во одбраната, во која имаше доста „провев“. Два гола постигна Алекс Окслејд-Чембрлен, кој ја пропушти ланската сезона поради тешката повреда на коленото, а по еден Садио Мане и Мохамед Салах. Тоа беше 25-та победа на „црвените“ (плус три ремија и само два пораза) на последните 30 натпревари во сите конкуренции. Ливерпул е четвртиот тим од Англија што постигнува 200 и повеќе голови во ЛШ, по Челси (269), Арсенал (281) и Манчестер јунајтед (373). 


Мертенс поефикасен од Марадона, Халанд се израмни со Бензема

Наполи триумфира на гости над Салцбург, 3-2, а македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас (20) влезе во игра во 80-та минута, на местото на Хозе Калјехон. Белгиецот Дрис Мертенс постигна два гола, вкупно 116 за тимот од Неапол (најефикасен е Марек Хамшик со 121 гол), еден повеќе од легендарниот Диего Марадона, постигнати во периодот од 1984 до 1991 година. Марадона во дресот со Наполи ја освои првата титула првак на Италија во сезоната 1986/1987.
Младиот 19-годишен Норвежанец, Ерлинг Браут Халанд, стрелецот на двата гола за австрискиот тим, стана првиот играч што на првите три меча во ЛШ постигнува шест гола (три на Генк, еден на Ливерпул и два на Наполи). Тој е вториот тинејџер, по Карим Бензема, што постигнува голови на првите три меча во ова натпреварување.