Лингвистите уште во почетокот жестоко реагираа дека меѓу зборовите „Република и
Македонија не треба да има ништо“. Во моментот кога се вметна „Северна“, дојде до проблемот. Токму нивното тврдење дека „сосема поинаку ќе беше додавката да беше по Република Македонија (Северна) или (Скопје) или да беше одредницата напред,
„Северна Република Македонија“. Грците точно знаеја што прават, имаа ангажирано тим од 60 луѓе со вклучени лингвисти, правници, а како што подвлекуваат нашите соговорници „нашите тргнаа сами да го решаваат проблемот без да се консултираат
со никого“…
Зошто придавката „северномакедонски“ станува сè почеста
Јавноста во земјава е целосно збунета, но и дополнително загрижена, откако почнаа да пристигнуваат различни толкувања на Преспанскиот договор околу употребата на придавката „македонски“ во различни контексти, а таквата конфузна ситуација почна да ги збунува и странците, кои сè почесто почнаа да го употребуваат терминот „северномакедонски“ изведен од новото име на државата.
Полемиката беше инспирирана од неодамнешниот твит на премиерот Зоран Заев, во кој тој напиша „македонска фудбалска репрезентација“, на што стигна реакција од Атина дека тој не смее да ја употребува оваа придавка за националниот тим, по што следуваше дообјаснување и извинување од страна на македонскиот премиер.
Придавката „северномакедонски“ неодамна осамна во текстовите на неколку светски медиуми, па поради тоа следуваше известување од страна на македонското МНР до тие медиуми да не се употребува таквата кованица и дека тоа е во спротивност со одредбите од Преспанскиот договор.
– Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“. Други употреби на придавката, вклучително и употребата на придавката во однос на приватни ентитети и актери, кои не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, можат да бидат во согласност со член 7, став (3) и став (4) – се наведува во членот 1 од Преспанскиот договор.
Несомнено лингвистичката замка што ја поставија Грците во Преспанскиот договор почна да се покажува како успешна бидејќи на сите им е поедноставно да кажат „северномакедонците“ отколку фудбалерите на Северна Македонија, што е само потврда дека за кратко време почнаа да се појавуваат пукнатини во забетонираниот македонски идентитет.
– Употребата на придавката „северномакедонски“ е погрешно и тоа ќе го регулираме. Ние имаме дадено насоки до сите медиуми и домашните и меѓународните како треба да се употребува и реагираме на кое било известување во портал или некој медиум. МНР е должно во моментот кога ќе види дека се употребува придавката „северномакедонски“ таму каде што не треба, да реагира со известување за да ги информира бидејќи претежно не го прават намерно за да провоцираат, туку заради тоа што логично го изведуваат од името на државата и од непознавањето на одредбите од Преспанскиот договор. Треба време додека да се научат сите институции, па и медиумските куќи, како треба правилно да се користи – појаснува шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Некои од познавачите на состојбите сметаат дека грешката е направена со потпишувањето на Преспанскиот договор и дека она што може да се очекува во иднина е постапено нормализирање на придавката „северномакедонски“ во секојдневната употреба.
– Ние на овој проблем укажувавме уште на времето кога се потпишуваше Преспанскиот договор. Не може државата да се вика Северна Македонија, а придавката да си остане „македонски“ бидејќи не е во духот на зборообразувањето, ниту во духот на германските, ниту во духот на словенските јазици – вели Елка Јачева-Улчар, научна советничка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Таа додава дека е направен упад во граматичкиот систем со тоа што се ограничува употребата на придавката „македонски“ за тоа кога смее, а кога не смее да се употребува според упатството од МНР.
– Истиот момент кога тие потпишаа за Северна Македонија, истиот момент и Холандија и некои други земји го употребија терминот „северномакедонци“. Своевремено кога постоеше заедничката држава Србија и Црна Гора се користеше терминот „србоцрногорци“ бидејќи тоа е во духот на зборообразувањето. Сега и ние може да очекуваме сè почеста употреба на придавката „северномакедонски“ – констатира Јачева-Улчар.
Според неа, проблемот бил лингвистички, но политичарите решиле да се вмешаат во лингвистиката.
– Ова беше очекувано. Знаевме дека ќе дојде до ова и затоа реагиравме дека меѓу Република и Македонија не треба да има ништо. Во моментот кога се вметна „Северна“, дојде до овој проблем. Сосема поинаку ќе беше додавката да беше по Република Македонија (Северна) или (Скопје) или да беше одредницата напред, „Северна Република Македонија“. Грците точно знаеја што прават, имаа ангажирано тим од 60 луѓе со вклучени лингвисти, правници, а нашите тргнаа сами да го решаваат проблемот без да се консултираат со никого – заклучува Јачева-Улчар.
И за познавачот на лингвистичката проблематика Ивица Челикловиќ новото име на државата ќе доведе до постепено нормализирање на придавката „северномакедонски“.
– Во Европа веќе се користи придавката „северномакедонски“, како нешто што природно произлегува од новото име на државата. Без оглед дали тоа во медиумите се прави од незнаење, недоволна информираност, тенденциозност, или, пак, како „логична“ изведенка од името на државата. Грчкото инсистирање исклучиво да се почитува принципот на консеквентна аналогија на „договореното“ име за меѓународна употреба е во функција на стимулирање на таквиот развој – констатира Челиковиќ.