Австралиецот Ричард Харис три дена остана со децата во пештерата. Благодарение на советите и помошта од Харис, најслабите момчиња беа извлечени први. Но славјето беше прекинато од лична трагедија на лекарот. Неговиот татко почина непосредно по завршувањето на спасувачката мисија
Целиот свет со недели нетрпеливо го очекуваше епилогот од неверојатната приказна за спасувањето на 12-те деца и тренерот од пештерата во Тајланд. За среќниот крај, заслуги има целата армија тивки херои што учествуваа во извлекувањето на младиот фудбалски тим. Кои се нуркачите што први стигнаа до децата? Кој е лекарот што остана со нив во пештерата и им помогна да преживеат? Кој е нуркачот што го даде својот живот за да се спасат? Кои се волонтерите што им помагаа на спасувачите додека ги извлекуваа децата? Конечно, кои се децата и тренерот што успеаја да го преживеат тринеделниот пекол? „Нова Македонија“ во фељтон во повеќе продолженија нуди одговори на овие прашања за чудото од поплавената тајландска пештера
Ретката комбинација на таленти го доведе австралискиот доктор Ричард Харис длабоко во пештерата Там Луанг на Тајланд. По лоцирањето на загубениот фудбалски тим во пештерата, анестезиологот Харис го прекина својот одмор на Тајланд и се пријави како волонтер во мисијата за спасување на 12-те момчиња и нивниот тренер. Искусниот доктор влезе во пештерата за да направи процена на здравствената состојба на младите фудбалери, а потоа остана со нив цели три дена. Благодарение токму на неговата помош и совети, најслабите момчиња беа први извлечени надвор од комплексот пештери во операцијата што од многу аспекти беше сложена, наведува Би-би-си.
Докторот Харис, познат како Хари, беше еден од последните спасувачи што излегоа од пештерата. Но олеснувањето и славјето беа прекинати од лична трагедија – таткото на Харис почина во средата, непосредно по завршувањето на спасувачката мисија. Службата за брза помош на Јужна Австралија, каде што работи Харис, соопшти дека тагата на неговото семејство била уште потешка поради физичките и емотивните напори на спасувачката мисија.
– Беше напорна недела, со подеми и падови. Хари е тивок човек, кој не се двоумеше да ја понуди својата поддршка за оваа мисија – истакнува докторот Ендру Пирс од „Медстар“.
Харис, според австралиската влада, бил посебно одбран од британските нуркачи и од највисоките кругови во тајландската влада за да се приклучи во спасувачката операција.
– Тој беше интегрален дел од мисијата за спасување. Харис е меѓународно познат по неговото искуство во спасување од пештери – изјави Џули Бишоп, шефицата на австралиската дипломатија.
За помошта од Австралијците, посебно на докторот Харис, проговори и Наронгсак Осотанакорн, гувернерот на провинцијата Чианг Раи, кој воедно беше и шеф на спасувачката мисија.
– Австралијците многу ни помогнаа, посебно докторот. Тој беше многу добар. Најдобриот – порача Осотанакорн.
Сју Кроу, пријателката на Харис, вели дека анестезиологот е несебичен семеен човек, чие смирувачко присуство ги утеши заглавените момчиња во пештерата.
– Тој е прекрасен со деца и сигурно се погрижил децата да бидат подготвени на најдобар начин за нуркањето низ пештерата. Харис беше совршената личност што можеше да им понуди поддршка – истакнува Кроу.
На социјалните мрежи има голема поддршка и благодарност за подвигот на доктор Харис. Многумина побараа тој да биде прогласен и за Австралиец на годината, највисокото цивилно признание во Австралија, а австралиската влада сигнализираше дека ќе има некакво формално признание.
Како искусен нуркач и подводен фотограф, анестезиологот Харис има завршено неколку експедиции за нуркање во пештери, и тоа во Австралија, Нов Зеланд, Божиќниот Остров и Кина. Една од трагичните експедиции во 2011 година вклучуваше и извлекување на телото на Агнес Миловка, пријателка на Харис, која почина откако остана без воздух при нуркањето во пештера во Јужна Австралија.
Бишоп истакнува дека докторот е познат кај властите и поради неговата работа со медицинските тимови за помош при природни катастрофи во пацифичкиот регион, а исто така беше дел и од австралиските хуманитарни мисии на Вануату.
– Тој е прекрасен Австралиец и сигурно направил голема разлика со неговото учество во спасувачките напори тука на Тајланд – додаде Бишоп.
Харис и неговиот нуркачки партнер Крег Чален беа дел од тимот од 20 Австралијци, меѓу кои имаше и полициски и морнарички нуркачи, кои помагаа во спасувањето на момчињата и нивниот тренер, кои повеќе три недели беа заглавени во поплавената пештера во Тајланд.