Кристофер Џонатан Џејмс Нолан е британско-американски филмски режисер, сценарист и продуцент. По неговото режисерско деби со филмот „Следење“ (1998), Нолан бил забележан како режисер на филмот „Мементо“ (2000), за кој бил номиниран за голем број признанија, вклучувајќи и „оскар“ за најдобро оригинално сценарио. Потоа ја добил можноста да ги режира големиот буџетски трилер „Инсомнија“ (2002) и мистериозната драма „Престиж“ (2006). Понатамошен успех доживува со трилогијата „Темниот витез“ (2005-2012), „Почеток“ (2010), кој добил осум номинации за „оскар“, вклучувајќи и за најдобар филм и за најдобро оригинално сценарио, „Интерстелар“ (2014) и „Данкирк“ (2017). Неговите десет филма заработиле над 4,7 милијарди долари во светот и освоиле вкупно 26 номинации за „оскар“ со седум победи.
„Тајмс“ го прогласи за еден од 100-те највлијателни луѓе во светот во 2015 година.
Филмовите на Нолан имаат епистемолошки и метафизички теми, истражување на човечкиот морал, конструкција на времето, природата на меморијата и на личниот идентитет.
Љубителите на седмата уметност го следат Нолан уште од 2000 година, од првиот оригинален трилер „Мементо“. Тој во меѓувреме снимаше уште девет интелигентни, но и комерцијално успешни филмови.
Во изминативе две децении тој го покажа својот талент во најразлични филмски жанрови. Снимаше научнофантастични, крими, суперхеројски и воени филмови. Отсекогаш искажувал длабока почит кон своите колеги, како што се Стивен Спилберг, Ридли Скот, Стенли Кјубрик и Дејвид Линч, и не пропушта можност да ги препорача нивните дела.
Сепак, пет филма оставиле длабоко влијание врз Кристофер Нолан и го инспирирале во работата.
„Блејд ранер“ (1982)
Кога го снимал филмот „Интерстелар“, Нолан особено бил под влијание на филмот „Блејд ранер“ на Ридли Скот. До некаде несфатливиот научнофантастичен ноар од 1982 година има статус на култен филм, а пред две години се појави и негово продолжение „Блејд ранер 2049“.
Нолан, исто така, во неколку наврати го пофали и филмот „Осмиот патник“, уште еден научнофантастичен филм на Ридли Скот.
„Лоренс од Арабија“ (1962)
Епскиот филм на Дејвид Линов за авантурите на Т.Е. Лоренс во текот на Првата светска војна има посебно место во срцето на Кристофер Нолан. Во текот на својата кампања за продолжение на снимањето филмови на филмската лента, тој на Лондонскиот филмски фестивал во 2015 година прикажал сцени од Лоренс од Арабија за да ги долови својата мисла и поента.
„Спасувајќи го војникот Рајан“ (1998)
Нолан е голем обожавател на филмот „Спасувајќи го војникот Рајан“, каде што главните улоги ги толкуваат: Том Хенкс, Мет Дејмон и Том Сајзмор. Филмот е делумно заснован врз вистинската приказна за браќата Ниланд. Зборува за еден настан од Втората светска војна, кога тројца браќа, американски војници, загинуваат во ист ден, па командата одлучува најмладиот брат, војникот Рајан, да биде спасен и вратен дома. Нолан нема проблем да признае дека Стивен Спилберг со овој филм ѝ зададе тешка домашна задача на сите автори на воени филмови во следниот период. Тој дури и барал совет од Спилберг пред да одлучи да го сними епскиот воен филм „Данкирк“.
„Метрополис“ (1927)
Иконскиот филм на Фриц Ланг, Кристофер Нолан, го има окарактеризирано како голем пресврт во историјата на седмата уметност. Овој нем филм и ден-денес инспирира филмски и други уметници, а добрата вест е дека е обновен во 2010 година, па и наредните генерации ќе бидат во можност да уживаат во оваа фантастична приказна.
„Шпионот што ме сакаше“ (1977)
Филмот каде што Џејмс Бонд ги здружува силите со Ања Амасова, убава руска шпионка, за да го открие мистериозното исчезнување на една руска и англиска нуклеарна подморница е уште една инспирација за Нолан. И секогаш кога ќе се спомне дека ќе се снима нов филм за Џејмс Бонд, некој ќе се најде да искоментира дека Нолан би можел да биде потенцијалниот режисер на новото продолжение на популарната франшиза.