Специјалниот пратеник на САД за дијалогот меѓу Белград и Приштина Ричард Гренел нема брзо да успее да го реши прашањето за Косово, а Вашингтон ќе биде внимателен во односите со Србија, е процената на Лук Кофи, експерт од американската конзервативна фондација „Херитиџ“, која е блиска на администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп.
– Не е реално договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина да се постигне до крајот на пролетта 2020 година. Ако се согледа политичката состојба на Косово и претстојните избори во Србија реално не гледам како ќе биде постигнат договорот. Се надевам дека не сум во право, не, не сум оптимист – изјави Кофи, за „Гласот на Америка“.
Тој во писмото до Гренел пишува дека САД мораат да бидат внимателни со Србија, затоа што од Белград стигнуваат збунувачки сигнали.
– Имаме пример на добар и на лош полицаец. Претседателот вели едно, премиерката друго, која дава изјави за европската публика. Тоа не смее нас да нѐ измами, мораме да ги држиме очите широко отворени. Секако, треба да се остави отворена вратата за Србија за да ѝ се придружи на евроатлантската заедница, но мораме да ги имаме предвид историските, културолошките, религиските врски на Србија со Русија и не можеме да се однесуваме дека тие не постојат – наведува Кофи.
Неговиот совет до Гренел е тој да не биде во улога на „картограф“. Кофи смета дека ставот на Џон Болтон, поранешниот советник за национална безбедност на претседателот Трамп, за тоа дека САД не е против територијалната корекција, е „лоша идеја“.
– Треба да мислиме и на ефектите од етничкото цртање на границите во Европа. Ќе се отвори Пандорината кутија не само на Балканот. Многумина се прашуваат зошто Америка би се мешала во договор меѓу две земји. Затоа што се вложени многу пари од нашите даночни обврзници и делумно сме одговорни за продолжување на постоењето на Косово како независна држава. Размената на неколку илјади хектари земјиште за да се задоволат политичките барања, може негативно да влијае на регионот, Европа, а конечно и на американската национална безбедност – наведува Кофи.
Неговиот план Б за Косово е двете страни да се охрабрат да владеат со својата територија така што ќе ги почитуваат верските и националните права на малцинствата.