Една студија објавена во научното списание „Сајанс адвенс“ открива дека веќе влеговме во шестата историска ера на масовно истребување на животинските видови

Како директна последица од човековата активност, односно сечата на шумите, експлоатацијата на рудните наоѓалишта, загадувањето на водните ресурси, манипулацијата со речните текови, климатските промени и криволовот, во текот на последната година, се истребени неколку животински вида.

Сосема е природна појавата дека на сцената на сината планета доаѓаат, но и исчезнуваат многу видови. Меѓутоа кога стапката на изумирање на животинските видови е околу 1.000 пати поголема од природното истребување, јасно е дека нешто не е во ред. Една студија објавена во научното списание „Сајанс адвенс“ открива дека веќе влеговме во шестата историска ера на масовно истребување. Во последните 540 милиони години се случиле вкупно пет вакви историски драматични случувања, кои од лицето на земјата избришале над половина од живиот свет. Меѓутоа разликата сега е што катализатор е човекот, не природата.

Последнава 2018 година, за жал, не се разликува многу од претходните години. Оние што едвај успеаја да преживеат се најдоа на црвената листа на Интернационалната унија за зачувување на природата. А во прилог неколку вида што ги изгубивме засекогаш.

Сина ара
Оваа птица се прослави во анимираниот филм „Рио“. Сина ара или спикс макау е една од најубавите птици и веќе не се среќава во дивината. Убавината, карактерот и желбата за социјализација со луѓето ја направи оваа птица идеално домашно милениче, а со тоа и совршен плен во светот на криволовот на егзотични миленици. Уште една причина плус за нејзиното изумирање е сечата на шумите и намалувањето на нејзиното природно живеалиште, кое се наоѓа во џунглите на Бразил. Една студија има забележано дека околу 100 единки уште живеат во заробеништво, но од 2016 година не е сретната во дивината.

Поули
Поули или црноглавата пчелкочуварка е мала птица песнопојка родум од островот Мауи на Хаваи, откриена пред 45 години. Но нејзиниот број рапидно опадна во последниве години. Направени се некои напори да се заробат неколку примероци и да се проба да се размножува во заробеништво, но неуспешно. До 2014 година е забележан еден пар, но оттогаш веќе ниту една птица не е видена.

Источна пума
До почетокот на дваесеттиот век овие диви мачки лутаа во секоја од американските држави источно од реката Мисисипи, кога нивниот број драстично опаѓа. Во 1973 година се ставени на листата на загрозени видови. Во 2018 г. се официјално прогласени за исчезнат вид. Нивното истребување се должи на екстензивниот лов и на заробувањата. Источната пума не е забележана во дивината 80 години. Се верува дека последната источна пума е убиена од ловец во Мејн во 1938 година.

Филидор новаеси и криптик трихантер
Уште еден пар од птиците песнопојки се најде на листата на исчезнати видови. Станува збор за колекционер на лисја од Алагоас, една од бразилските држави, исто така познат како филидор новаеси, и сличен вид на него, криптик трихантер, односно цихлоколаптес мазарбанети.
Првиот вид е откриен во 1975 година, но потребни биле 37 години дури да се стави во категоријата на загрозени видови. И двете птици живееле во дождливи шуми во североисточен Бразил, еден од регионите што претрпеле највисок степен на уништување на шумите.