Утревечер во 20 часот Македонската филхармонија ќе го одржи симфонискиот концерт „Нинг Фенг се враќа“, на кој, како што кажува насловот, ќе настапи виртуозот на виолината, кинескиот уметник Нинг Фенг, кој минатата година ја маѓепса македонската публика. Овој пат, еден од водечките виолинисти денес, Нинг Фенг, се враќа на нашата сцена со изведба на виртуозното и прекрасно дело за виолина – „Шпанска симфонија“ од Едуард Лало.
Концертот ќе се одржи под диригентската палка на маестро Јерухам Шаровски од Израел, а на програмата е и Првата симфонија од Јоханес Брамс, насловена „Патетична“, една од најкомплексните симфонии во класичната музичка литература.
Еден од водечките виолинисти во Кина денес – Нинг Фенг иако постојано настапува во својата земја со видни оркестри, тој е и еден од најбараните музичари и во Европа. Моментно живее во Берлин и ужива светска кариера. Критиката ќе го оцени како уметник со прекрасен лиризам и емотивна транспарентност, како музичар со инспиративни технички остварувања. Нинг Фенг студирал на Конзерваториумот за музика во Сишуан, потоа на Школата за музика „Ханс Еислер“ во Берлин со познатата виолинистка Антје Вајтхас, како и на Кралската музичка академија во Лондон со Ху Кун, каде што ќе стане првиот студент што некогаш бил награден со 100 проценти за неговиот завршен рецитал. Фенг е добитник на многу награди, меѓу нив и на престижните меѓународни натпревари по виолина „Паганини“, „Кралица Елизабета“ и „Јехуди Менухин“ во Лондон, каде што денес е член на жирито, или на „Мајкл Хил“ во Нов Зеланд.
Соработувал со голем број реномирани оркестри, меѓу кои и со Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Рускиот државен симфониски оркестар, Стразбуршката филхармонија, со Филхармонијата на Лос Анџелес, со Берлин концертхаус оркестар, со симфониските оркестри на Сингапур и на Макао, со Кралскиот оркестар на Ливерпул, со Филхармонијата на Хонгконг, со Радиосимфонискиот оркестар на Франкфурт…, со реномирани диригентски имиња. Активен е и како камерен музичар. Член е на „Драгон квартет“ и редовно соработува со истакнатиот пијанист Игор Левит. Магазинот „Пицикато“ ќе напише дека е музичар што „импресионира не само со техничките вештини, туку и со топлината, а неговиот тон е постојано полн и лирски…“. Нинг Фенг свири на виолина „страдивариус“ од 1721 година.