Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од утре се укинуваат пластичните ќеси, односно нивната цена ќе биде повеќекратно повисока во маркетите. Но какви се алтернативите за граѓаните, ќе има ли избор за хартиени ќеси и што преземаат трговците во пресрет на новата мерка

ОД УТРЕ СТАПУВА ВО СИЛА НОВАТА МЕРКА
ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Пластичните ќеси од утре (1 декември) заминуваат во историјата, но многу дилеми остануваат нејасни како ќе функционира пазарувањето по маркетите. Ќесите за пазарување се само еден сегмент од пазарот, но што со пластичната амбалажа, што со производите што веќе фабрички се спакувани во пластика, најлонските и целофански обвивки на лебот и белите печива, пластични чаши и прибори за јадење, пластичната амбалажа на мноштво производи, како јогурт, сирење итн. Во пресрет на најавената мерка за укинување на пластичните ќеси, односно наплаќање многукратно повисока цена за нив, граѓаните се во недоумица по многу прашања.
Какви се алтернативите за граѓаните, ќе има ли избор за хартиени ќеси како замена или само ќе се удри по џебот на граѓаните? Сите овие дилеми сѐ уште ги мачат граѓаните, кои од среда ќе треба да се навикнат на новите правила во маркетите.
Од среда се забранува употребата на пластични ќеси во нашата земја. Со тоа веќе нема да се произведуваат пластичните ќеси, а биоразградливите ќе се наплаќаат по 15 денари.
Со ваквиот потег треба да се дестимулира купувањето на ваквите производи што ја загадуваат околината. За средствата од продадените пластични ќеси, трговците ќе мора да водат евиденција по квартали, а надоместоците ќе треба да ги уплаќаат на посебна сметка на органот за животна средина.
Исто така, од 1 декември се забранува користењето на пластичното пакување за еднократна употреба во угостителските објекти што се наоѓаат во заштитените подрачја во Македонија.

Маријана Лончар-Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), вели дека во случајов мора да се почне од негде, со цел да се усогласиме во европските правила.
– Очекуваме поголема одговорност од граѓаните, но истовремено треба да ни е јасно дека секој производ не може да се спакува без пластична ќеса. Не секаде има биоразградливи ќеси. Но со ова се унапредува состојбата со отпадот. Мора да има селекција на отпадот. Веќе има такви иницијативи во одредени општини. Но треба да дојдеме до тоа ниво – вели Лончар-Велкова.
Како организација, апелирале уште еден месец маркетите да имаат подарок за потрошувачите платнени торби.
– И понудата со опција со хартиени ќеси исто така не се знае во која насока ќе биде. И тие се скапи. Во исто време не знаеме и тие од што се направени – додава таа.
Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, вели дека ова е само дел од мерките што треба да се насочат кон одговорност и достигнување на целите за одржлив развој, односно дека почетокот со наплаќање на ќесите по маркетите е една мала мерка од сетот мерки што во иднина треба да се воспостават.
– Веројатно проблемот ќе се манифестира во маркетите, кои ќе треба да инвестираат во нови биоразградливи ќеси. Се надевам дека и парите од ќесите ќе одат во фонд за заштита на животната средина. Тоа би била и целта од наплаќањето поскапи ќеси – објаснува тој.
Според него, за очекување биле и порадикални мерки, имајќи ги предвид светските случувања и состојбите во земјата со депониите, кои се полни со пластична амбалажа.
– Неопходно е да се работи на свеста за загадувањето од ќесите и од пластичната амбалажа. Неопходно е граѓаните да се упатени во селекција на отпад, а потоа да знаат дека тој отпад ќе заврши на вистинското место – додава тој.

Од Иницијативата за забрана на пластични ќеси неодамна го изнесоа својот став дека цената од 15 денари ќе ги демотивира потрошувачите непотребно да купуваат ќеси за еднократна употреба, преориентирајќи се кон користење други алтернативи.
Снежана Василевска од иницијатива „Стоп за пластични ќеси“ вели дека опцијата за купување ќеси за 15 денари не е да се наруши животниот стандард на граѓаните, туку да се промени навиката и да се пазари за подобра средина.
– Пред сѐ превенцијата од отпадот мора да биде на врвот, да се користат што е можно помалку пластични ќеси и на тој начин да се заштити животната средина.
Некои од граѓаните ќе продолжат да купуваат со пластични ќеси, додека други ќе користат торби. Препорачливо е како потрошувачи максимално да го одбегнуваме прекумерното амбалажирање и да купуваме рефус – секогаш кога е тоа можно и на зелените пазари. Секако, користејќи платнени торби, мрежички и сл. реупотребливи алтернативи што сигурно ги имаме во домовите – објаснува таа.
Според неа, државата сепак очекува ќесите да бидат навистина биоразградливи, а не само декларативно, според европските и светските стандарди и со тоа многу помалку да ја загадуваат животната средина.
– Законот предвидува намалување и на другата пластична амбалажа, но ќе видиме како ќе оди импликацијата. Очекуваме тоа да оди тешко, зашто тука сепак се вклучени производителите – додава таа.
Според премиерот Зоран Заев, со новата регулатива се создава функционален систем за управување со отпад, во чија подготовката учествувале меѓународни и локални експерти.
– На овој начин се европеизира нашата регулатива за управување со отпад. Северна Македонија веќе го чекори патот кон поодржлив пристап во оваа област и се имплементира Националниот план за управување со отпад 2021-2031 година – вели Заев.

Ваквата мерка доаѓа откако на 3 јули почна забраната за продажба на 10 вида производи од еднократна пластика во Европската Унија.
Со забраната беа опфатени пластичниот прибор за јадење, пластичните чинии, садовите за храна и пијалаци направени од стиропор, лажичињата за кафе од пластика, чепкалките за уши од пластика, сите производи изработени од оксоразградлива пластика.
Австрија во 2020 година ја забрани употребата на еднократни пластични ќеси, а иста мерка донесе и германскиот Бундестаг, кој изгласа закон за забрана на пластични ќеси на мало, со тоа што тенки пластични ќеси за пакување овошје и зеленчук сепак да бидат дозволени. Забраната се однесува на пластични ќеси со дебелина од 15 до 50 микрометри, кои се стандардни во малопродажбата. Ваквите мерки ги следеа и други земји.

[email protected]