Италијанска новинарка му подари парче пармезан на американскиот државен секретар Помпео за време на неговата посета на Италија, барајќи од него да му го однесе на претседателот Доналд Трамп.
– Имам подарок за вас. Италијански подарок. Премиерот знае за што зборувам. Ова е пармезан „реџијано“ и тоа е она што го правиме најдобро во Италија. Однесете му го на господин Трамп, ве молам, и кажете му дека го правиме од сè срце – рекла Алис Мартинели, додека Помпео љубезно го примил парчето автентично италијанско сирење, објави „Вашингтон пост“.
Мартинели, која работи како новинарка за сатиричниот весник „Лене“, подоцна објасни за „Вашингтон пост“ дека била таму за да ја пренесе пораката оти италијанските млекари се загрижени поради високите такси на Трамп за европските прехранбени производи, вклучително и вино и сирење, што може да резултира со загуба од милијарди долари.
На италијанскиот премиер Џузепе Конте не му се допаднала целата ситуација и ја замолил дамата да се тргне. Но, Мартинели верува дека Помпео ја примил нејзината порака на добар начин.
– Се чинеше среќен поради тоа – тој се смееше цело време – рече новинарката, која безбедносните служби ја тргнале од местото на настанот.