По повод францускиот национален празник Ден на падот на Бастилја во Париз, вниманието го привлече поранешниот џет-ски шампион Френки Запата кој леташе на својот „Флајбор ер“ – лебдечка купола која му овозможува маневри како од научнофантастичните филмови.
Спектакуларна сцена се одвиваше на дефилето пред трибината, на која седеше претседателот Емануел Макрон.
На снимката објавена на социјалните мрежи се гледа дека Запата носи автоматска пушка, што укажува дека ова летало би можело да биде употребено во арсеналот на француската војска.
„Паризиен“ наведува дека во прашање е летало кое како гориво користи керозин, поседува пет мини турбо мотори кои овозможуваат брзина до 190 километри на час, а летот може да трае до 10 минути.
На Макрон очигледно му се допадна демонстрацијата на „Флајборд ер“ бидејќи со широка насмевка и аплауз го поздрави Запата кој одлета и местото им го отстапи на другите учесници на парадата што се одржа на Елисејските Полиња во Париз.