Фото:МВР

Во координирана полициска акција во тетовскиот регион, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе две кривични пријави – една за тероризам против 20-годишен жител на Мала Речица кој на социјалната мрежа „Дискорд“ („Discord“) упатил закана за масовен вооружен напад и друга против 89-годишен маж за недозволено поседување и тргување со оружје. Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи, акцијата била спроведена по добиени информации од ФБИ и Амбасадата на САД, а при претресите биле пронајдени автоматско оружје, пиштоли и голема количина муниција.

Оттаму наведуваат дека осомничениот К.Х (20) на крајот на месец јануари годинава преку социјалната апликација „Дискорд“ („Discord“) испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47 позната како Калашников, притоа појаснувајќи дека истиот е со нарушено психичко здравје. Инспирација за ваков напад, наведуваат од МВР, му бил настан од 14.12.2012 година во САД кога Adam Lanza – 20 годишно момче, во Училиште во САД со автоматка пушка убило 26 лица од кои 20 деца.

-По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на „Discord“ профил што се наоѓа во нашата земја, а од каде што се упатени сериозните закани, МВР во координација со ОЈО ГОКК презедоа дејствија за откривање на сторителот. По идентификација и лоцирање на корисничката адреса на 17.02.2026 полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Сектор за борба против тероризам со асистенција од САЕ Тигар и во координација со OJO ГОКК, извршија претреси во дом и други простории на локација во Мала Речица, тетовско – информираат од МВР.

За време на претресите кај К.Х. и кај членови на неговото потесно семејство, како што дополнуваат, биле пронајдени и одземени повеќе предмети кои се предмет на кривично дело.

– Различен вид и калибар на огнено оружје, автоматска пушка АК-47 со две рамки со 40 куршуми 7.62х39мм, пиштол „М57“ со две рамки со 49 куршуми, пиштол „CHEROKEE“ со две рамки и повеќе од 600 куршуми 9мм, тактички елеци, борбени елеци (панцир), ножеви со различна должина на сечиво и разни електронски доказни материјали – дополнуваат од МВР.

Оттаму посочуваат дека две лица се лишени од слобода и притоа против К.Х. е поднесена кривична пријава до ОЈО ГОКК за кривично дело „тероризам“ по член 394-б став 2  од КЗ, а против Џ.Х. е поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово за кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување  со оружје и експлозивни материи“ по член 396 од КЗ.