Дамјан Груев, или само Даме Груев (Смилево, 19 јануари 1871 – Русиново, 23 декември 1906) е македонски револуционер, основач и еден од најистакнатите членови на Македонската револуционерна организација (МРО). Возвишуван е како апостолот и волјата на револуционерна Македонија.

Потекнува од Смилево, а се школувал во Белград и во Софија, каде што студирал историја на Високата школа. Во солунската егзархиска гимназија „Св. Кирил и Методиј“ (1887/1888) учествувал во големиот бунт на учениците во борба против бугарската пропаганда во Македонија, со барање за воведување во настава на македонски народен говор, а во гимназијата во Белград во бунтот против српската пропаганда. На Универзитетот во Софија го формирал Македонското студентско друштво, кое имало за цел ослободување на Македонија од османлиската власт.

Заедно со Петар Поп Арсов и со Иван Хаџи Николов формирал македонска револуционерна група во која влегле: Андон Димитров, Христо Батанџиев и д-р Христо Татарчев. Оваа група ги поставила основите на Македонската револуционерна организација (МРО).

Османлиските власти го протерале во Битола (1898), каде што бил уапсен (август 1900) во врска со Попставревата афера и бил осуден на 10 години затвор. Од затворот во Битола одржувал врски, давал инструкции и ја раководел месната организација. Бил префрлен од Битола (мај 1902) во затворот во Подрум-Кале во Мала Азија, каде што бил заедно со Христо Татарчев и Христо Матов. Алберт Сониксен, американски новинар и публицист, запишал дека Даме Груев додека бил на заточение во Мала Азија оттаму „ја администрираше Подземната република“. Во затворот останал 10 месеци (до март 1903).

По амнестирањето се вратил во Македонија (во Смилево), а потоа заминал во Солун, каде што имал неколкудневна средба со Гоце Делчев, по прашањето за кревање на востание. Груев одлуката за востанието ја прифатил како завршена работа и решен самиот да ја преземе фаталната одговорност. Оттука неговата изрека: „Доста е, подобро ужасен крај, отколку ужас без крај!“ и отпатувал за Битола, на пат за Смилево. Во почетокот на мај претседавал со Смилевскиот конгрес. Тогаш бил избран Главниот штаб за Вториот битолски револуционерен округ во состав: Дамјан Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов.

На 2 август 1903 година било кренато Илинденското востание. Груев го доживеал мигот на историскиот чин, но и ужасите на страдањата на својот народ решен по секоја цена да се бори и да се избори за слобода и за своја држава. По неколкумесечните тешки борби со огромната, модерно вооружена непријателска армија, Главниот востанички штаб донел одлука за запирање на Востанието со цел народот да се поштеди и да се зачуваат силите и кадрите на движењето.

По востанието Груев останал во Битолско со народот за да работи на консолидирање на револуционерната организација. Учествувал на подвижниот Прилепски конгрес (мај 1904), каде се залагал за централизирана Организација како тајна држава во османлиската држава, како подземна Република. Претседавал на Рилскиот конгрес во 1905 година и бил избран за член на Централниот комитет. Се ангажирал за надминување на поделбите, меѓутоа единството постигнато на Конгресот траело кратко. Груев одлучил да се врати на теренот во Македонија.

Загинал во борбата на врвот Петлец кај Русиново на 23 декември 1906 година. Населението од Русиново го погребало во дворот на селската црква. Подоцна неговите телесни останки биле пренесени во Смилево.


Што запишал Алберт Сониксен за Груев?

Американскиот новинар Сониксен истакнува дека Даме Груев е „првиот организатор на Македонскиот комитет“. Според Сониксен: „Таму горе, меѓу оние врвови, живее Дамјан Груев. Ниту еден Турчин не се осмелува да се приближи макар на еден ден оддалеченост од ова упориште. Тука ја имаме нашата сопствена слободна република.“

Американскиот новинар исто така вели: „Од сите водачи, тој е веројатно најрезервираниот; неговиот портрет никогаш не е објавен во илустрираните списанија. А сепак, тука оние водачи чијшто егоизам е распрснат низ сите дневни и неделни публикации во светот за време на револуциите, понизно примаат наредби од него секогаш кога навистина треба да се зафатат со работа“.