Синдикатите во Франција, придружени од „жолтите елеци“ штрајкуваат втор ден. Штрајкот претставува обединувачки фактор за сите незадоволни граѓани, кои овојпат протестираат против реформите за пензискиот систем предложени од францускиот претседател Емануел Макрон.
Една година од движењето на „жолтите елеци“ кое резултираше со насилство во Париз и во другите големи француски градови, штрајкот би можел да се претвори во еден од најголемите предизвици во мандатот на Макрон, кому му претстојат изборите напролет.
– Власта го разгори немирот со оваа реформа. „Другата Франција“ е таа што се побуни. Минатата година беше „отсечената“ Франција, а годинава се синдикатите и наставниците – објаснува економискиот експерт Даниел Коен.
„Владата на Макрон не ги зема предвид очекувањата на Французите. Тие не комуницираат доволно со народот“, „Макрон е господарот на фразите за отфрлање, кои ги употребува кога избегнува да даде одговор“, „Тој воопшто не го објасни планот за реформирање на пензискиот фонд“, „Тие мислат само на бројките, а не и на народот“, се само дел од изјавите на незадоволните демонстранти.