Бројот на загинати лица по пукањето на рударска брана во близина на градот Брумадињо во југоистичниот дел на Бразил порасна на 40, додека екипите за спасување бараат уште безживотни тела. Околу 300 лица се водат како исчезнати, а властите очекуваат дека бројот на загинати ќе се зголемува.
Потрагата се спроведува во отежнати услови поради обилните дождови во областа. Локалните власти соопштија дека 23 лица се хоспитализирани. Жителите на околните села се евакуирани.
Водата од акумулацијата на пукнатата брана поплави делови од местото Вила Фертеко, носејќи со себе потенцијално отровен отпад, што предизвикува стравување од можно загадување на животната средина.
Бразилската рударска компанија „Вале СА“, која е сопственик на рудникот, соопшти дека во време на пукањето на браната во таа зона се наоѓале околу 300 работници.