Полицијата употреби солзавец и водени топови против учесниците на протестот во Париз, кој беше организиран во рамките на вчерашните демонстрации на „жолтите елеци“ кои се одвиваа низ Франција.
Демонстрантите во Париз се собраа за да изразат незадоволство од работата на францускиот претседател Емануел Макрон и од власта. Но, на планираниот мирен протест набргу изби насилство. Дел од екстремните учесници фрлаа камења и други предмети кон полицијата, а поставија и барикади кои потоа и ги запалија.
Француските познавачи на состојбите оценија дека се случува „бунт на народот против елитата“, особено бидејќи спроведените анкети покажуваат оти 80 отсто од испитаниците го поддржуваат движењето на „жолтите елеци“.
– Тука сме бидејќи веќе ни е доста. Работите секогаш се исти за народот кој треба да плаќа за лудоста на другите. Мораме да работиме за да плаќаме, да работиме повеќе за да плаќаме уште повеќе. Така е веќе со години. Состојбата е таква од моето раѓање, со секој нареден претседател. И ние сега велиме дека е доста – порача 24-годишниот студент Жоел Молизо.
Во текот на вчерашните протести низ Франција учествувале 106 илјади луѓе, од кои 130 биле уапсени, а 19 повредени, според информациите од полицијата.