Милојка Калкашлиева
Да, потпишувањето на Преспанскиот договор и неговото спроведување во Уставот претставува насилство врз уставниот поредок на Република Македонија.
Потпишувањето на Преспанскиот договор е насилство со пенкало, затоа што е потпишан од неовластено лице, без основа во Уставот, без знаење и согласност на претседателот на државата, кој со Уставот е единствено овластен да склучува меѓународни договори, и без претходно да бидат прашани граѓаните на Република Македонија, кои се носители на суверенитетот, а се преземени такви обврски за државата Република Македонија што ќе доведат до нејзино (само)уништување. Тоа не може да се нарече поинаку освен насилство врз уставниот поредок, извршено со пенкало.
А тоа насилство продолжува и со постапката за донесување на амандманите на Уставот со кои треба да се спроведе Преспанскиот договор. Иако со Уставот не му е дадена надлежност на Собранието да одлучува за промена на името на државата, ниту граѓаните дадоа поддршка за Преспанскиот договор на одржаниот референдум, а со неизлегувањето, големото мнозинство граѓани јасно покажаа дека не прифаќаат референдум за прашање за името на државата, но за пратениците што се избрани од граѓаните и, според Уставот, во Собранието ги претставуваат граѓаните, а не Владата и партиите на власт, тоа не значеше ништо. Преспанскиот договор се спроведува насилно, спротивно на волјата на мнозинството граѓани. Сосила се обезбеди двотретинско мнозинство за да се донесе Одлука за пристапување кон измени на Уставот. Пуштање пратеници од притвор на денот на гласањето за одлуката, трговија со гласот на пратеници против кои или против нивни блиски се води кривична постапка, а кои за пазарењето за своите гласови отворено говореа, амнестија, измени на Кривичниот законик во корист на определени пратеници, се со цел да се обезбеди двотретинско мнозинство за имплементација на Преспанскиот договор. Па, какво е тоа Собрание и какви се тие пратеници што со такви методи и на таков начин носат одлуки со кои се урива уставниот поредок на Република Македонија.
Насилството врз уставниот поредок не ја засега ни опозицијата во Собранието, што се гледа од нејзиното однесување, кое очигледно е во функција на исполнување на ветувањето дека нема да ја попречуваат имплементацијата на Преспанскиот договор.
Голема поддршка на имплементацијата на тој договор даваат и некои универзитетски професори. Па, така, универзитетскиот професор што вистината за Македонија и за македонскиот народ ја гледа само во западната стручна литература, ќе напише: „Преспанскиот договор уште може да се протурка насила затоа што е врзан за чин на кревање рака во парламентот“. Да, во парламентот пратениците не гласаат по свое уверување, туку креваат рака насила. Тоа за професорот е во ред. Друг универзитетски професор сака Преспанскиот договор да го вгради во Уставот, а претходно, во интервју на една телевизија, кажа дека јавната расправа за уставните амандмани треба да биде така организирана што ќе го даде посакуваниот резултат.
Посакуван резултат е да ѝ се продаде на јавноста Преспанскиот договор како нешто најдобро што можело да се добие, па, така, на јавната расправа како учесници беа поканети само тие што го фалат Преспанскиот договор, а со него и амандманите на Уставот и кои, со сеење магла, сакаат да ги уверат граѓаните во нешто што го нема во тој договор (на пр. се „зацврстувал“ идентитетот, имало обврски и за Грција…)
Насилството врз уставниот поредок на Република Македонија го дозволи и Уставниот суд со тоа што не застана во негова одбрана. А тоа му е должност утврдена со Уставот. Ги отфрли иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за пристапување кон измени на Уставот со образложение дека не е пропис, па Уставниот суд не е надлежен за нејзина оцена. Точно, таа одлука не е пропис. Но еве што кажа Уставниот суд во 2016 година за одлуката на Собранието за распуштање на Собранието, која, исто така, не беше пропис, но Уставниот поведе постапка и ја поништи со одлука У. бр. 104/2016 од 25 мај 2016 година. Во таа одлука на Уставниот суд стои: „Уставниот суд оцени дека тој е единствениот орган во уставниот систем на Република Македонија што има неприкосновена надлежност за оценување на уставноста и законитоста. Поаѓајќи од утврдената надлежност, за ваквиот тип одлуки како што е оспорената, Уставниот суд е тој што одлучува кој акт ќе го третира како пропис подобен за уставно-судска оцена. Одлуката за распуштање на Собранието има карактер на пропис, бидејќи има универзално дејство и посредно се однесува на сите граѓани што на непосредни избори го даваат својот глас за определен пратеник“.
А еве што кажа Уставниот суд во решението У. бр. 113/2018 и 124/2018 од 12.12.2018 година, со кое ги отфрли двете иницијативи за оценување на уставноста на Одлуката за пристапување кон измени на Уставот: „Имајќи ја предвид содржината на оспорената одлука, судот утврди дека таа не е пропис, со оглед дека не определува права и обврски за неопределени субјекти што ќе се најдат во определена општествена ситуација, па судот не е надлежен да ја оценува. Оспорената одлука само ја определува првата фаза – започнување постапка за измени на Уставот по предлог на Владата, а таа постапка продолжува во три фази, од кои зависи дали ќе се изврши измена на Уставот и каква ќе биде содржината.“
Одлуката за распуштање на Собранието и Одлуката за пристапување кон измени на Уставот по својата формалноправна природа се ист тип одлуки, тие не се прописи, но Уставниот суд одлучи првата одлука да ја третира како пропис и да ја поништи (сосема исправно), а за втората не се впушти ни да ја оценува, туку ја сведе само на фазата „започнување постапка“, која Уставниот суд ја смета без значење. Па, Одлуката за пристапување кон измени на Уставот не е сама за себе цел, таа се носи врз основа на поднесен предлог од овластен предлагач, во конкретниот случај Владата, а пратениците при носењето на оваа одлука ја имаат предвид содржината на предлогот и ако оценат дека предложените измени не треба да се направат, нема да го прифатат предлогот. Таа одлука е многу битна и се однесува за сите граѓани, затоа што од неа зависи какви одредби ќе бидат внесени во Уставот. Таа одлука не е пропис, но е многу повеќе од пропис и Уставниот суд беше должен да се впушти во нејзината оцена на уставноста. Како можеше да затвора очи пред фактот дека предлогот на Владата за измени на Уставот е поднесен за имплементација на договор со странска држава (преспанскиот) што не е дел од внатрешниот правен поредок, не е потпишан од претседателот, не е објавен во „Службен весник на РМ“. Понатаму, Уставниот суд не смееше да го игнорира фактот дека на референдумот мнозинството граѓани не го поддржаа Преспанскиот договор (не излегоа на гласање), поради што и нема одлука на референдумот, односно ДИК утврди дека референдумот е неуспешен.
И најпосле, Уставниот суд мораше да го има предвид фактот, општо познат, дека двотретинското мнозинство за одлуката е резултат на трговијата на пратениците со своите гласови, што, за жал, беше истакнувано како гордост и храброст
Уставно-судската оцена на Одлуката за пристапување кон измени на Уставот беше најбитна, затоа што Уставниот суд потоа не може ниту е надлежен да ги оценува нацрт-амандманите, јавната расправа, предлог- амандманите.
Заштитата на уставноста не смее да се сведе на вербалната содржина на оспорената одлука, како што Уставниот суд постапил во овој случај, туку во заштитата на уставноста мораше да тргне од содржината на предлогот за измени на Уставот и постапката во која беше обезбедено двотретинското мнозинство, во Собранието. Ако заштитата на владеењето на правото можеме да ја најдеме речиси во секоја одлука на Уставниот суд, таа заштита беше неопходна во конкретниот случај, затоа што со Одлуката за пристапување кон измени на Уставот, таа темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е урната во целост.
Изнесеното зборува дека кај нас, кога е во прашање политиката, нема место за владеење на правото, ниту има кој да го заштити уставниот поредок. А сѐ уште сме држава со свој Устав и закони, а сметавме дека имаме и институции што ќе го штитат уставниот поредок.