Македонизми

И по имињата на своите народни херои се гледа дека нашиот народ јаде традиционални јадења (Питу Гули, Ордан Пиперката, Страшо Пинџур)!

Судејќи според високите цени, денес животот е навистина скап!

Во шахот и во сообраќајот најдебелиот крај го јадат пешаците!

Што дека стапот има два краја, кога на мнозинството му е наменет само едниот!

На Запад нема ништо ново, бидејќи и понатаму се полни со нови жители од Исток!

Полтронот е единствениот човек, кој без проблем се витка додека е жив!

Тешко на онаа нација чија писменост е во палецот!

Кај нас и од митото веќе се направи мит!

Доколку ни ја кројат капата, потребно е барем да ни ја направат поширока, за просење!

На просечниот наш граѓанин сѐ почесто денот му започнува со стемнување!

Интернетот е најмасовното средство за поврзување со светот преку отуѓување со најблиските!

На наместениот фудбалски натпревар, најмногу фаули трпат навивачите!

Давеникот во долгови и за потопски кредит се фаќа!

Дека работата одамна го создала човекот, најдобро се гледа денес пред агенциите за вработување!

Животот на неписмените ги пишува најдобрите романи!

Најјаката математика ја има во брачниот триаголник!

Едни ги засукуваат ракавите за да работат, а други за да се лактаат!

За оптимистот сопката е најдолг чекор напред!
Најмногу прашина се крева околу личниот доход на чистачите!

Во трката на магарињата победник е последниот учесник, бидејќи е на прво место во инаетот!

П.С.: Македонизмите ги напишавме традиционално по повод 65 години од пишувањето на дедо ни Иван Русјаков за медиумите кај нас и во светот.

Кристина и Андреј Русјакови