Фото: Маја Јаневска-Илиева

Истражувањето за тоа што најмногу ги плаши младите, спроведено за период од две години, при што се интервјуирани повеќе од 10.000 млади луѓе од државите на Југоисточна Европа, вклучувајќи и од Македонија, нуди мноштво интересни податоци

Младите од државите во Југоисточна Европа, а со тоа и од Балканот и Македонија, за својот личен напредок во општествата најмногу стравуваат од корупцијата во нивните држави, а најмалку од зголемувањето на бројот на мигрантите и бегалците. Ова се некои од заклучоците на обемното истражување на германската фондација „Фридрих Еберт“ (ФЕС), насловено „Младинска студија 2018/2019“, во кое е опфатена и нашата земја. Истражувањето е извршено во период од две години, при што се интервјуирани повеќе од 10.000 млади луѓе на возраст меѓу 14 и 29 години.

Интересно е да се напомене дека истражување на германскиот институт доаѓа во период кога и Македонија и земјите од регионот се борат да ги задржат младите да не заминат од матичните држави.

Но, од друга страна, иако сите политички гарнитури досега без исклучок во своите програми, но и предизборни ветувања, се залагале за подобрување на стандардот, а со тоа и животот на младите во земјава, сепак недостига вистинска стратегија за враќање на веќе иселените, но и каков било план за спречување понатамошен одлив на младите од земјава.

Во обемниот документ во врска со истражувањето на најстариот германски институт ФЕС во заклучокот се наведува дека, без исклучок, сите млади луѓе од државите опфатени со истражувањето, најголемиот проблем кон постигнување своја подобра иднина го базираат на материјално-егзистенционалните прашања, а помалку стравуваат од глобалните проблеми, како што се климатските промени и терористичките напади.

Притоа, и натаму најголем проблем за младите од овој дел од светот претставуваат невработеноста, корупцијата и големата партизираност на институциите, но и одолжувањето на ЕУ-интеграцијата на државите.

– Младите луѓе во регионот и особено оние во државите на Западен Балкан, во моментов страдаат од високи стапка на невработеност во земјите и истовремено работат во нестабилни работни средини – пишува во документот.
Во студијата се наведува дека младите луѓе од овие земји што потекнуваат од непривилегирани социјални слоеви на општествата истовремено имаат и помали шанси да учествуваат во политичките и граѓанските активности во државите, а и шансите за нивниот личен развој се неадекватни со другите.
Во меѓувреме, Македонија неколкупати е спомената во разните рангирања во анализата во споредба со другите земји.
Во еден сегмент сме најлошо рангирани на листата во која е наведено дека младата популација не е доволно ангажирана во општеството по завршувањето на образовниот процес.

Натаму, истражувањето ја рангира Македонија доста лошо и на листата од другите држави во скалилото во кое се наведува дека младинците што потекнуваат од семејства каде што родителите имаат основно образование имаат истовремено и помали шанси да добијат повисока форма на образование од нивните родители.
Натаму, истражувањето истакнало дека, освен во нашата држава, во сите други земји е регистриран тренд на подобрување на практиката во образованието со кое младите се подготвуваат да се справат со предизвиците на идното работно место.
Од друга страна, во позитивните оцени за Македонија е вброен табеларниот приказ, каде што нашата земја, во друштво со Хрватска, добро котира во рангирање во кое се покажува дека е многу мал процентот на оние млади што се откажале од школувањето во образовниот процес.

Политичкиот аналитичар Милан Стефановски, коментирајќи ги наодите на германскиот институт, вели дека тие во суштина буквално ја објаснуваат сликата на општествата во кои живеат младите луѓе во регионот.
Тој советува политичарите што ја водат државата, но и оние што се во опозициските партии, добро да ги простудираат ваквите истражувања од голем број светски институции и организации и на наредните избори да понудат ефективни и квалитетни политики и мерки што ќе им овозможат подобар живот на младите и истовремено ќе го спречат нивното иселување од земјата.


Кои се главните стравови на младите во југоисточна Европа

Војна во регионот 29%
Корупција 49%
Социјална неправда 44%
Терористички напади 27%
Загадување и климатски промени 30%
Зголемување на сиромаштијата во општествата 46 %
Зголемување на имигранти и бегалци 25%
Страв од невработеност 41 %

Извор: Истражувањето на германската Фондацијата Фридрих Еберт (ФЕС) 2018/2019

[email protected]