Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев ја повика Владата да ја усвои Уредбата со која е превидена награда за полицајците. Рече дека полицијата професионално одработила во периодот од речиси 70 дена од 22 март кога беа воведени забрани за движење на граѓаните.

– Полициските службеници, професионално, одговорно и пожртвувано си ја извршија својата задача. Најтешко го доживувам моментот кога одредени колеги од Владата ја злоупотребуваат полицијата за остварување на политички цели. Стојам на ставот дека тие треба да ја добијат паричната награда која ја заслужуваат. Ја повикувам Владата да ја усвои Уредбата – рече министерот Чулев.

Тој извести дека изминатиот период вкуно 4.783 лица не ја почитувале одлуката за ограничено движење, 3.110 лица биле приведени. Поднесени се кривични пријави против 3.412 прекршители.

– Покрај намалувањето на рестриктивните мерки, сепак, не треба да заборавиме дека вирусот и натаму е присутен во нашата земја. Апелирам да ги почитуваме мерките и одлуките на Владата за групирање, држење дистанца и носење заштитна опрема. Во наредниот пероиод ќе бидат зајакнати контролите во однос на почитување на одлуките на Владата за дистанца и носење заштитна опрема – рече министерот Чулев.

Негова генерална оценка е дека граѓаните ги почитувале ограничувањата и биле сојузници на полицијата која ги контролираше мерките.

„ Во неколку наврати потенцирав, а денес уште еднаш ќе подвлечам дека граѓаните се одговорни и генерално ги почитуваа мерките на Владата. Појавата на коронавирусот го изненади целиот свет, а не беше поштедено ниту МВР. Нашата работа е составена од изненадувања, за жал, најчесто негативни. Во оваа прилика, дозволете да констатирам дека МВР успеа брзо да се екипира, организира и да ги стави сите капацитети за заштита на секој поединец. Благодарност до сите вработени во МВР, а посебно на униформираните полициски службеници за секој час, секоја минута. Често ги посетував службениците на пунктовите, од очите на полицајците се гледаше патриотизам, гордост, но и несигурност“, рече министерот Чулев.


Пријавите за семејно насилство за април-мај зголемени за 44,6 отсто во однос на лани

Министерството за внатрешни работи регистрира зголемен број на поплаки од граѓани за извршено семејно насилство.

Техничкиот министер, Наќе Чулев, кажа дека бројот на поплаките е зголемен за 44,6 проценти во однос на истиот период лани, а за еден месец, МВР има поднесено и пријави за 85 кривични дела поврзани со семејно насилство.

– Од 12 април до 12 мај, Секторот за аналитика во рамките на МВР има статистика според која во овој период МВР има поднесено пријави за 85 кривични дела во врска со семејно насилство, а најмногу се од СВР Охрид, СВР Скопје и Струмица. Во врска со семејно насилство поднесени се 49 прекршоци против 54 сторители. Има констатирано 373 поплаки од граѓаните за семејно насилство што е зголемување од 44,6 отсто во однос на истиот период лани – рече Чулев.

Тој ги повика граѓаните кои се жртви на семејно насилство, тоа да го пријавуваат со цел ургентно постапување на полициските службеници.