Иџет Меџити ќе биде претседател на Централниот изборен штаб на ДУИ по предлог на претседателот Али Ахмети, а оваа партија ќе учествува на претстојните претседателски избори и локалните избори во Дебар и Охрид.
Ова е една од одлуките донесени на денешната седница на Централниот совет на ДУИ што се одржа во партиското седиште во Мала Речица, информираше пратеникот Артан Груби.
На седницата претседателот Ахмети ги информирал присутните за текот на разговорите со премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, како и концептот на консензуалност што од ДУИ бил претставен пред јавноста уште во 2014 година.
– Носители на изборниот легитимитет – ДУИ и СДСМ заедно со други политички партии се согласија за заеднички кандидат за претседател. Претседателот Ахмети истакна дека и ДУИ никогаш не делувала со двојни стандарди, туку со стратегија и цели без фолклоризација во интерес на сите граѓани. Поради тоа Централниот совет го прифати и концептот за консензуалност и предлогот за Стево Пендаровски како заеднички кандидат за претстојните претседателски избори – рече Груби.
Тој информираше и за Конгресот на Форумот на жени на ДУИ закажан за 14 април во Скопје, како и подготовките за Конгресот на Младинскиот форум на ДУИ што треба да се одржи во Тетово. Задолжени биле четворицата потпретедатели и двајцата секретари на партијата да продолжат со процесот на регистрација на членството на ДУИ со цел подготовка на партијата за претстојниот конгрес, а биле формирани и две работни групи, едната која ќе работи на предлог на измени на статутот на партијата и другата за изработка на политичката платформа.