На предлог на Министерството за труд и социјална политика, Владата денеска ги утврди дел од предлог – законите од пакетот реформи, како што се Предлог – закон за социјалната заштита, Предлог – законот за социјална сигурност за старите лица и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата.
Овие закони кои беа презентирани во септември треба да овозможат воведување гарантиран минимален приход што ќе овозможи зголемување на помошта што корисниците ја добиваат од државата, како и олеснување на достапот до детски и образовен додаток.
Како што соопшти владината прес-служба на денешната седница на Владата во делот на социјалните реформи биле усвоени и предлог – програмите за изменување на Програмата за субвенциoнирање на потрошувачката на енергија за 2018 година, Предлог – програмата за изменување на Програмата за условен паричен надоместок за средно образование за учебната 2018/2019 година, Предлог – програмата за изменување на Програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2018 година.
Владата ги усвоила и Предлог – програмата за изменување на Програмата за остварување на социјалната заштита за 2018 година, како и предлог програмите за изменување и дополнување на Програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2018 година и Предлог – програмата за изменување и дополнување на Програмата за развој на дејноста за заштитата на децата за 2018 година.