Унгарската разузнавачка служба го помогнала бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски во Унгарија, според информациите од два неименувани извори кои се се запознаени со случајот, објавува европското издание на порталот „Политико“.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто веќе призна дека унгарски дипломати го придружувале Груевски на неговото патување низ Балканот до Унгарија.
Гласноговорник на унгарската влада, пак, одбил да го коментира учеството на разузнавачките служби во бегството на Груевски.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја бранеше одлуката за доделување азил на Груевски, велејќи оти случајот е поврзан со „комплексни политички игри“ во Македонија.
Стејт департментот на САД изрази загриженост бидејќи Груевски ја избегнува затворската казна, додека Македонија поднесе барање за екстрадиција на поранешниот премиер.