По немилиот настан во Гостивар, Ветеринарната комора на Република Македонија го реафирмира својот став дека коренот на проблемот со бездомните кучиња е во неодговорното сопствеништво. Тоа треба да се идентификува и адекватно да се санкционира, за што се неопходни построги законски прописи и нивна доследна примена со строги санкции за прекршителите.
Комората подвлекува и дека досега се третираа само последиците од овој проблем и тоа палијативно и несеопфатно, а повеќето општини воопшто и не ги исполнуваат своите обврски во однос на ова прашање или постапуваат несоодветно и нецелисходно.
-Актуелната ситуација со бездомните кучиња која е резултат на многубројни општествени слабости, социо-економски, менталитетски и цивилизациски и која поради долгогодишното занемарување и маргинализирање на проблемот е крајно загрижувачка и надвор од контрола, што носи сериозни комунални, јавно-здравствени и безбедносни ризици, конечно бара ангажман на целокупната општествена заедница и преиспитување на досегашните модели и постапки. Повикуваме сите инволвирани чинители да пристапат кон сеопфатна анализа на проблемот и изнаоѓање одржливи и системски решенија- наведува Ветеринарната комора.
Комората ја поздравува владината иницијатива за законски измени со цел подобрување на состојбите во оваа сфера и вклученост на ветеринарната професија како најповикана да предложи и да спроведе најсоодветни решенија во содејство со сите заинтересирани и засегнати субјекти.
Во врска со сопствеништвото на милениците, уште еднаш потенцира дека одговорно поседување куче претставува ситуација во која сопственикот на животното ги прифаќа и извршува обврските согласно прописите (задолжително чипирање и регистрација, редовна вакцинација против беснило и третман проти ендопаразити) , како и ги обезбедува потребите на животното за соодветна исхрана, нега, однесување во околината, спречување ризици како агресија, нанесување повреди, пренесување болести.
-Во рамки на одговорното сопствеништво спаѓа и репродукцијата и со неа поврзаната потреба од стерилизација или кастрација на животното – дополнува Комората.
Воедно апелира сопствениците да ја извршат својата обврска за чипирање на милениците кое се спроведува бесплатно .
-Со полно право ќе инсистираме на санкционирање на оние сопственици кои нема да ги исполнат своите обврски- наведува Ветеринарната комора, нагласувајќи дека успешната идентификација и регистрација на домашните миленици ќе резултира со формирање опсежна база на податоци на домашни миленици и нивните сопственици што е појдовна основа за суштинско и каузално решавање на проблемот со бездомните кучиња.