Западнобалканската рута иако со помал интензитет се уште е жива, потенцира денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на дипломатски брифинг на Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци (МАРРИ) – МАRRI Friends Meeting.
– За жал по официјалното затворање на рутата, се појавија голем број криумчари на мигранти и се почесто мигрантите се жртви на истите, а неретко се жртви и на трговија со луѓе. Оваа проблематика е виско на агендата на МВР, а се разбира и на ЕУ и на сите регионални и меѓународни организации, рече Спасовски.
Регионот на Западен Балкан ЕУ го идентификува како влезна порта за мигрантите. Во текот на 2015 и првата половина на 2016 година меѓу 800.000 и еден милион лица транзитирале низ Македонија, при што околу 200 од нив побарале азил во земјава.
– Доколку се земе во предвид дека во овој период имавме само нешто повеќе од 200 барања за азил, можеме со сигурност да заклучиме дека Република Македонија беше и останува земја за транзит. Главна дестинација на овие лица се многу поразвиените западно европски земји, рече Спасовски.
Посочи дека останува обврската на македонските власти да им обезбедиме соодветна заштита додека се на територијата на земјата и согласно законските решенија да им се пружиме соодветна помош.
Потсети дека земјава интензивно работела на изготвување квалитетни решенија во Законот за меѓународна и привремена заштита, како и во Законот за странци, при што се земени предвид одредбите од европското аки (законодавство), како и најдобрите пракси од земјите членки на ЕУ.
Со оглед на тоа дека сторителите на кривични дела постојано ги менуваат своите начини на дејствување, заради зголемување на ефикасноста формирана е Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, со која е направен директен линк меѓу МВР и Јавното обвинителство, се со цел побрзо процесуирање на случаите поврзани со трговија со луѓе.
Во однос на соработката во рамките на МАРРИ, Спасовски рече дека визијата е МАРРИ Регионалниот Центар да добие структура спремна да спроведува проекти од поголем обем, самостојно да настапува пред донатори за средства потребни за проекти кои самите учеснички ги препознале како потребни.
Македонија претседавала со работната група за изработка на нова организациска структура и утврдување на внатрешните процеси, со што би се овозможило побрз проток на информации, поголема динамика во спроведувањето на конкретни проекти, како и подобро презентирање пред потенцијалните донатори за проекти од значење на МАРРИ учесничките.
Следната недела ќе има состанок на работната група во Регионалниот Центар во Скопје.
Оваа година МАРРИ избира нов директор на Регионалниот центар, а МВР, како што информираше Спасовски номинирало соодветен кандидат со долгогодишно искуство од областите на гранично управување, азил и миграција, вклучително и богато искуство во управување и имлемантирање на проекти финансирани од ЕУ и други донатори.
Актуелна директока на МАРРИ е Тамара Мугоша. Таа на брифингот истакна дека во претстојниот период е потребно да се дефинираат регионалните приоритети и да се спроведат реформи во комуникацијата, координацијата и кооперацијата не само меѓу владините, туку и на нивно на администрацијата.
Дополни дека се изготвува заедничка дата база за легална миграција, преку која земјите од МАРРИ ќе имаат преглед на движењето на луѓето на таа територија, пред се ќе се има увид во економската миграција.
Антонела Демолеа, од Министерството за надворешни работи на Албанија, која е актуелен претседавач на МАРРИ, истакна дека за време на претседателството е комплетирана нацрт-стратегијата за 2018-2020, поставени се новите услови за избор на директор, а во подготовка е министерски состанок на земјите-учеснички, кој ќе се одржи во јуни.
Дипломатскиот брифинг се одржува секоја година во Министерството за надворешни работи на РМ, со цел да се запознае дипломатскиот кор, меѓународните организации, партнерите и донаторите со работата на МАРРИ во изминатата година.
МАРРИ е единствена регионална иницијатива за проблематиката со миграциите во која членуваат шесте влади од Западен Балкан- Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Основана во контекст на Пактот за стабилност за ЈИЕ во 2004, МАРРИ е префрлена под регионална сопственост во 2008 година.