Техничкиот премиер Оливер Спасовски ги повика истражните органи да утврдат дали одговорноста за пасошката криза е негова откако минатата недела техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев поднесе кривична пријава за незаконска јавна набавка на обрасците за лични документи. Чулев го обвини Спасовски дека четири години не презел мерки за набавка на обрасци за лични документи и место со нов договор набавките ги решавал со анекси на стариот договор со компанијата „Веридос“, па договорот од 7,2 милиони евра, со анексите се искачил на 12,8 милиони евра.
– Јас сум тука, истражни органи има, слободно нека ги проверат сите аспекти, не бегам од одговорноста ако е моја – рече премиерот Спасовски.
Иако техничката Влада функционира еден и пол месец, Спасовски се пожали дека информација за проблемот со пасошите Владата добила пред една недела.
Мислам дека подоброто менаџирање, начинот на функционирање внатре во институцијата, повеќе бавење со суштински работи отколку со неважни прашања немаше да доведе до една ваква криза. И ние тука веќе размислуваме како и на кој начин да помогнеме за да се дојде до конечно решение на овој проблем, одговори премиерот Спасовски на прашањето чија е одговорноста за доцнењето на пасошите.
Премиерот Спасовски избегна конкретен одговор на прашањето зошто при планирањето на набавката не било земено предвид дека оваа година истекува важноста на првите биометриски пасоши, како едно од причините за зголемена побарувачка на пасоши.
Техничкиот министер Чулев, пак, пред два дена извести дека со допис од шести декември 2019 година тогашниот министер за внатрешни работи бил информиран дека снемаува обрасци за пасоши и дека на залиха имаат 88.100 обрасци, а на почетокот на јануари залихата се симана на 27.580 обрасци за пасоши. Службите во МВР сега анализираат како се случило повеќе од 50.000 обрасци да исчезнат за еден месец, а по утврдените неправилности во набавката на истите обрасци веќе е поднесена и кривична пријава.
За да им излезе во пресрет на итните случаи, министерот Чулев вчера рече дека формирале комисија од деветмина во која членуваат доктор, економист и правник кои ќе одлучуваат кому да му биде одобрено издавање пасош. Граѓаните треба со барањето за пасош да поднесат и ургенција за итност во која ќе објаснат зошто им е итно потребен пасошот. Приоритет имаат лицата кои мора да патуваат од здравствени причини. Пасошите ќе им бидат издадени во итна постапка, но ќе ги платат како во редовна. Вчера на залиха Министеротсото имаше уште 3400 обрасци за пасоши.