Со положување венци свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски и со оддавање почит за нивниот значаен придонес во воспоставувањето на самостојната државност на Македонија, денеска започнаа програмските содржини со кои македонските граѓаните ја празнуваат и одбележуваат 30-годишнината од независноста.
Во алејата на великаните на гробиштата во Бутел, пред гробните места на претседателите Глигоров и Трајковски венци со свежо цвеќе положија претседателот Стево Пендаровски, делегација на Собранието предводена од потпретседателот Горан Мисовски.
Делегацијата на Владата, на церемонијата на положување цвеќе на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски ја предводеше премиерот Зоран Заев придружуван од првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот во Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерката за образование и наука Мила Царовска.
Покрај членовите на делегациите на државниот врв, свежо цвеќе положија и оддадоа почит и делегација на македонската армија, на Сојузот на борците, на повеќе државни и општествени институции, на дипломатскиот кор, на верските заедници, на граѓанските организации, на политичките партии, на ЗЕЛС и на Градот Скопје, како и бројни други делегации.
По повод трите децении независност, претседателот Стево Пендаровски денеска со орден „8 Септември“ ќе ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско Собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година.