Неколку факултети сакале да се издвојат како посебни правни субјекти, но тоа барање не поминало
Членовите на Сенатот на најстариот универзитет во државата „Св. Кирил и Методиј“, само со еден воздржан глас, а сите други „за“, го изгласаа новиот статут. Како што вели ректорот, проф. д-р Никола Јанкуловски, новиот статут е приспособен на новиот закон за високо образование.
– Статутот е прво изгласан на ректорска управа, со сите гласови „за“ и еден „воздржан“. И на седница на сенатот беше изгласан со сите гласови „за“ и еден „воздржан“. Членовите на ректорската управа и на сенатот се единствени затоа што целата постапка беше транспарентна.
И покрај тоа што од поранешната министерка Рената Дескоска ни беше наметнат многу краток рок, од три месеци, за да се усогласиме, со судни маки се обидовме да ги фатиме сите рокови. На петти јули статутот треба да стигне до собраниската комисија за образование, а до 16 август треба да биде изгласан во Собрание. Времето е кратко – изјави ректорот Јанкуловски. Тој истакна дека целата постапка е транспортно водена, со јавна расправа на сите факултети.
– Професори на сите факултети доставија свои забелешки, а голем дел од нив е усвоен. Имаше и факултети што сакаа да се издвојат како посебни правни субјекти. Но на гласањето сите беа хомогени во однос на размислувањата.
Статутот беше донесен, а клаузулата за посебен правен субјект, не помина. Сите факултети сакаат да бидат во интегриран универзитет, како што налага Европа, односно како што е практика во современите европски универзитети – појасни ректорот.