Селото Нивици, Преспанско, Егејска Македонија, е дел од општината Преспа, во Леринскиот округ во Грција. На последниот попис од 2011 година, селото имало 83 жители, сите Македонци, според книгата на Тодор Симовски, „Населените места во Егејска Македонија“.
Селото се наоѓа во најјужниот дел на големото Преспанско Езеро, на подножјето од продолжетокот на Галичица, наречен Сува Гора, на надморска височина од 860 метри. Во близината е тромеѓата на денешна Грција со Р. Македонија и со Албанија. Нивици е сместено на полуостров, кој самиот има долг тесен залив, крај кој лежи селото. Атарот зафаќа 16 квадратни метри.
Селото првпат се спомнува во 15 век. Селската црква „Успение на Пресвета Богородица“ датира од 19 век и има статус на заштитено културно добро.
Вo „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Нивици (Nivitzi) било село во Ресенската каза со 30 домаќинства и со 92 жители Македонци. Во истиот период, според патописните пописи на Милош Милоевиќ, во селото имало 93 македонски куќи.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“), во 1900 г. Нивица било село во Битолската каза со 200 жители, сите Македонци христијани. По Илинденското востание во 1904 г. целото село преминало под надлежност на Бугарската егзархија. По податоците на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Нивици имало 528 Македонци.
Според Ѓорѓи Трајчев, во 1911/1912 г. во Нивици имало 72 куќи со вкупно 696 жители, црква со 2 свештеника и училиште со еден учител.
Со Букурешкиот договор во 1913 г. Нивици е припоено кон грчката држава, кога имало 674 жители. Во 1927 г. грчките власти го преименувало во Псарадес. Во 1928 г. во државниот попис се заведени 585 жители.
Селото настрадало во Граѓанската војна кога некои од жителите се преселиле во Р. Македонија, но селото сепак не се растурило. На 25 и 26 март 1949 г. во Нивици е одржан вториот конгрес на Народноослободителниот фронт (НОФ). Сепак, намалувањето на населението продолжило и понатаму, особено поради големото иселување во прекуокеанските земји и во поголемите градски центри.
Во истражувањето спроведено во 1993 г. е утврдено дека селото е чисто „славофонско“ и дека македонскиот јазик во него е зачуван на средно ниво.
Селото ѝ припаѓа на општинската единица Преспа со седиште во Р’мби, која ѝ припаѓа на поголемата општина Преспа, во округот Лерин. Наедно, селото е дел од општинскиот оддел Нивици, во кој спаѓа и селото Винени.
Главно занимање на месното население е риболовот. Се ловат големи количества риба и постои рибарска задруга.
(Извор: Википедија на македонски јазик)