Доколку не се прекине постапката за донесување на законот за воведување дигитални учебници во основното образование, следуваат протести, бојкот и граѓанска иницијатива, се порачува во ултиматумот испратен до министерката за образование Мила Царовска и до надлежните институции преку иницијативата „Учебници и настава мора да има“.
Драгана Спасевска, која ја води фејсбук-групата „Учебници и настава мора да има“, вчера испрати соопштение до јавноста за продолжување на бојкотот на наставата. Дел од училиштата низ Македонија најавија дека денеска нема да присуствуваат на настава.
– Од утре (денеска) продолжува бојкотот на наставата во сите училишта на Р. Македонија, со тоа што ќе биде пуштен допис до сите училишта со цел да се испочитува нашата одлука и да не се врши притисок до децата и родителите. Ќе се обратиме и до СОНК и до Бирото за развој на образованието. Затоа ве охрабруваме сите да се придружите кон бојкотот, со тоа што навремено ќе бидат известени сите инсистуции за продолжување на бојкотот – се вели во писмото испратено до МОН.