Болницата, за која државниот секретар во Министерството за здравство Владимир Милошев вчера кажа дека ќе биде завршена за две до две и пол години, почна да се гради во далечната 1989 година
Во работна посета на кичевските здравствени установи вчера беше државниот секретар за здравство Владимир Милошев, кој во подолгиот разговор со раководството на Општата болница во Кичево и на Здравствениот дом, се запозна со проблемите со кои се соочуваат во тековното работење и со плановите за идниот развој и за подобрување на условите за работа.
Најважната информација од посетата на Милошев, беше дека од април или мај ќе продолжи доизградбата на кичевската општа болница, која започна да се гради во далечната 1989 година, за во 2014 година да продолжи нејзината изградба и до ден-денес да не заврши.
– Би сакал да најавам дека Министерството за здравство е во завршна фаза на објавување на јавната постапка за почнување на втората фаза на новата општа болница во Кичево. Некаде во месеците април или мај планираме да продолжи втората фаза од изградбата на новата општа болница во Кичево, која очекуваме да заврши во рок од две до две и пол години. Со тоа граѓаните ќе добијат нов современ здравствен објект за лекување, а вредноста на овој зафат ќе биде околу пет милиони евра – најави Милошев.
Директорката на Општата болница во Кичево, Биљана Настеска, го запозна државниот секретар со состојбите во болницата и со она што е изградено во претходниот период, за условите што ги имаат вработените и пациентите и за проблемите со кои се соочуваат.
– Се надевам дека конечно ќе биде завршена старо-новата болница, со што ќе добиеме објект со сите услови неопходни за еден современ здравствен објект – подвлече директорката Настеска.