Најголемиот број родители што се заинтересирани за продолжување на целодневната настава се родители на деца што не живеат во општината, туку работат во околината на училиштето, и реонски не им припаѓаат на овие училишта, појаснуваат од општината Центар
Најголемиот број родители што се заинтересирани за продолжување на целодневната настава се родители на деца што не живеат во општината, туку работат во околината на училиштето, и реонски не им припаѓаат на овие училишта.
Ова е ставот на општината Центар, по информациите дека родители од неколку скопски училишта потпишуваат петиции за да се продолжи со целодневна настава во четврто и петто одделение.
Забелешките на родителите се дека промените во програмите треба да се имплементираат со секоја нова генерација што се запишува во училиште, а не тоа да се прави со генерациите што веќе учат според таа програма.
Од општината Центар појаснуваат дека на нивна територија во шест од седум училишта до крајот на учебната 2018/2019 година се реализира целодневна настава.
– Целодневната настава во училиштата во општината не се укинува, туку се усогласува со законот за основно образование, каде што е предвидена до трето одделение, а за четврто и петто можност за продолжен престој (дневен престој). На учениците што немаат целодневна настава до петто одделение, во сите училишта им се нуди продолжен престој како облик на згрижување во училиштата до 15 часот, како и дополнително згрижување во училиштето до 17 часот – велат од општината Центар.
Понатаму тие додаваат дека за адаптација на овие услови на учениците, родителите и наставниците општината нема да ја спушти целодневната настава до трето одделение, туку оваа учебна година до четврто одделение, па во зависност од потребите на учениците, следната година ќе се продолжи кон целосно усогласување.
– Учениците не се запишуваат во училиште поради целодневната настава, туку поради обврската да се заврши основно образование. Училиштата се пред сѐ образовни институции. Најголем број родители што се заинтересирани за продолжување на целодневната настава се родители на деца што не живеат во општината, туку работат во околината на училиштето, и реонски не им припаѓаат на овие училишта. Училиштата на своја добра волја ги примаат учениците што не живеат во општината Центар, кои понатаму имаат најголема потреба од целодневна настава, односно згрижување на децата до крајот на работното време – истакнуваат од општината Центар.
Инаку, како што појаснуваат од Министерството за образование и наука, законски училиштата мора да обезбедат целодневна настава и дневен престој до трето одделение, а средствата намени за тоа ги обезбедува Министерството.
– За целодневната настава за четврто и петто одделение пари обезбедува општината на чија територија се наоѓа училиштето и токму локалната самоуправа решава дали ќе финансира ваква дополнителна дејност – велат од Министерството за образование и наука.