Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги интензивира активностите за заштита на правата на потрошувачите при електронска, односно онлајн-продажба на прехранбени производи, како и на производите од групата додатоци во исхраната, храна за диети, чаеви и слични производи наменети за специфични категории потрошувачи, како што се малите деца и спортистите.
Во овој период, исклучително популарна е продажбата на храна наменета за спортисти, која покрај регистрираните увозници и трговци, според анализите на Одделението за спречување на измами со храна при АХВ, нелегално се продава и преку социјалните мрежи.
– Како одговорна институција за безбедноста на храната и заштитата на здравјето на потрошувачите, апелираме до граѓаните да внимаваат при он лине набавката на овој тип храна, бидејќи покрај во легалната продажна мрежа и преку Е – продавниците, преку социјалните мрежи нелегално се продава и храна за спортисти која не е одобрена од Агенцијата за храна и ветеринарство и не е безбедна – велат од АХВ.
Оттука додаваат дека ваквите производи покрај тоа што претставуваат нелојална конкуренција на легалните домашни производители, увозници и трговци, сериозно може да го загрозат здравјето на граѓаните. Апелираат до потрошувачите да се воздржат од набавка на овој тип храна преку социјалните мрежи, каде таа најчесто нелегално се нуди и продава.
„Апелираме до граѓаните до Агенцијата за храна и ветеринарство да ја пријават секоја нелегална продажба и на оваа категорија производи, лично во АХВ, на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22, или електронски на [email protected]“, велат од АХВ.