Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска попладне ќе допатува во посета на Скопје. Како што беше најавено, таа меѓудругото со лидерите на земјава ќе разговара и за спорот со Бугарија.
Фон дер Лајен ќе биде пречекана од премиерот Зоран Заев на платото пред Владата, по што ќе одржат средба на која ќе присуствуваат и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Заев и Фон дер Лајен ќе одржат заедничка прес-конференција во кино Фросина во МКЦ.
Подоцна, Фон дер Лајен ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски, а ќе присуствува и на вечерата што ќе ја приреди шефот на државата во присуство на претседателот на Собранието, Талат Џафери и други високи претставници.
Од 28 до 30 септември таа ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан, почнувајќи од Албанија.
Посетата на регионот на шефицата на ЕК се случува една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија со лидерите од регионот. Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето”, туку можност да се разговара за односите на ЕУ и регионот.
Утре во Скопје ќе допатува и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, кој минатата недела беше во Бугарија каде разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите со Северна Македонија во ЕУ.