Во околината на Велес по првомајскиот излет во природа исчистени се рекреативните центри покрај реката Бабуна и крајбрежјето на езерото Младост, како и летниковците за одмор и пешачките патеки покрај езерото.
Како што информира Тодорка Андреева, портпаролка на ЈКП „Дервен“ чии екипи го изведоа чистењето, собрани се вкупно 10 кубни метри најразновиден отпад што го оставиле зад себе посетителите.
– Иако е собран помалку смет во споредба со минатите првомајски излети, сепак, граѓаните што доаѓаат на овие убави излетнички места особено за викендите и празниците, и натаму оставаат отпад. Не знам дали помалите количества смет се резултат на подобрената еколошка совест на граѓаните или во прашање е помалата посетеност на излетничките места годинава. Во секој случај и овие количества смет се показател дека кај граѓаните треба сѐ уште да се буди еколошката свест за заштита на животната средина. Апелираме до нив по престојот во природа, сметот да го фрлат во контејнерите, или ако се преполни во најлонски ќеси да го вратат и да го исфрлат во своите домашни канти за смет – истакна Андреевска.