Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, заедно со директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, денеска го посетија Прифатниот центар за поддржано живеење за бездомни семејства во Визбегово, каде што во тек е пописот на лицата сместени во него, како дел од процесот на претпопишување на одделни категории на лица, процес кој започна на 1 март, а ќе трае до 15 март.
– Пописот претставува многу важна, најмасовна и сеопфатна статистичка операција, која што е од особено значење за нас како држава, но и како Влада и Министерство за труд и социјална политика, затоа што врз основа на податоците добиени од него ќе се креираат политики, кои ќе ги адресираат барањата и потребите на граѓаните – истакна министерката Шахпаска.
Таа посочи дека Министерство за труд и социјална политика како ресор ги регрутира прашањата кои се однесуваат на пензионерите, работниците, ранливите категории на граѓани, децата.
– Согласно податоците добиени од пописот за старосната структура на населението, ќе се креираат политиките за изградба на старски домови, детски градинки, за стапката на невработеност согласно која ќе се креираат мерки и политики за нивно активно вклучување на пазарот на труд, но и за лицата од ранливите категории – потенцираше Шахпаска.
Симовски информираше за започнатиот процес на претпотпишување кој ги вклучува казнено-поправните установи, бездомните лица, лицата ангажирани во АРМ, дипломатско-конзуларни претставништа и претставници во меѓународните институции, но и самопопишувањето на лицата кои претсојуваат во странство.
– Пописот треба да собере и даде потребни информации за креирање на развојни политики за сите граѓани – истакна Симовски.
Тој апелираше до сите граѓани да земат активно учество во пописот, со цел негово успешно реализирање.