Генералштабот на Армијата со жалење и сочувство кон фамилијата ја известува јавноста дека бригадниот генерал во пензија, Бранко Дракалски, по кратко боледување, на 59-годишна возраст ја загуби битката со коронавирусот.
Во текот на неговата воена кариера до пензионирањето во 2015 година бригадниот генерал Бранко Дракалски има извршувано повеќе високи воени должности, а во период од 2009 до 2014 година беше и највисок воен претставник во седиштето на НАТО во Брисел. Претходно, има извршувано голем број командантски должности, меѓу кои и командант на Втората механизирана пешадиска бригада.
Военото образование го почнува во воената гимназија во Белград, а подоцна завршува Воена академија на Копнената војска во 1983 година. Командно-штабна академија завршил на Воената академија во Скопје во 1996 година, а завршил и школа за национална одбрана во Алабама (САД), на тамошниот Универзитет за национална одбрана во 2005 година. Во чин бригаден генерал е унапреден во 2009 година.
Во текот на својата кариера како потврда за неговата професионалност во службата добивал повеќе признанија, пофалби и други стимулативни мерки. Меѓу другото, одликуван е со Медал за воени заслуги.
Автор е на неколку стручно-специјалистички трудови, меѓу кои и трудови објавени на англиски јазик. Во пензионерските години генералот Бранко Дракалски остана активен придонесувач во полето на одбраната.
Бригадниот генерал Бранко Дракалски е погребан денес во согласност со процедурите за спречување ширење на Ковид-19 во неговото живеалиште во Битола.