Мноштво граѓани викендов, во доцните ноќни часови, во своите домови биле посетени од страна на униформирани припадници на МВР, кои од затекнатите, изненадени, па и вознемирени граѓани барале документи за идентификација, име и презиме, година на раѓање, колку члена живеат во станот итн.
Граѓаните реагираат дека ваквиот „полициски распит“ кај многумина предизвикал чувство на вознемиреност и страв.
Како ја објаснуваат акцијата од МВР и каков е ставот на психолозите и социолозите
ПОШТАРОТ ЅВОНИ ДВАПАТИ, А ПОЛИЦИЈАТА САМО ЕДНАШ
Начинот на комуникација на некои државни институции со граѓаните, веројатно, е неисцрпна тема, но симптоматично е што и покрај долгогодишните укажувања и реакции, некои навики изгледа не се менуваат. Во текот на изминатиот викенд, граѓаните од скопската Општина Бутел биле изненадени и затекнати, кога навечер по 21 часот, во домовите им дошле униформирани лица од МВР, кои побарале да ги легитимираат сите што биле во моментот во живеалиштата, и се распрашувале кој живее на односната адреса. Граѓаните што се обратија во нашата редакција, велат дека службениците на МВР во полициски униформи им затропале на врата и им ги запишувале имињата и презимињата на лицата што престојувале на посочената адреса, како и нивната година на раѓање. Притоа целата оваа постапка на ненајавен попис се одвивала без каков било официјален документ или формулар, кој би требало да им биде покажан на граѓаните. Самата појава на униформирани лица во ноќните часови кај граѓаните, кои се јавија во нашата редакција, како што велат, предизвикала чувство на зачуденост, но и вознемиреност.
– Секакви црни мисли ми поминаа низ главата кога ги видов пред врата. Ќерката беше излезена во град, а и сопругот во моментот не беше дома и прво што помислив е дека нешто, не дај боже, им се случило во сообраќај. И соседите од околните станови, на кои им затропала полицијата беа многу вознемирени, а некои од постарите соседи со нарушено здравје побараа потоа и лекарска интервенција. Навистина ваквите ноќни посети за многумина беа во најмала рака шокантни – вели нашата соговорничка.
Нашиот весник се обрати до надлежните служби во МВР, барајќи појаснување за спроведената акција и одгласот од граѓаните.
– Станува збор за редовна полициска процедура, во рамките на активностите на позорникарската служба при МВР. Една од задачите на позорникарите е да имаат увид и да ги запознаат граѓаните во реонот што го покриваат. Сето тоа е во рамките на полициските овластувања, регулирани со закон – информираат од МВР.
Во контекст на реакцијата на граѓаните, од МВР потсетуваат дека позорникарската служба се воведува повторно по петнаесетина години, токму по барање од јавноста.
Вознемиреноста ја оценуваат како резултат на долгогодишното непостоење на оваа служба, што придонело граѓаните да заборават на воспоставувањето поблизок контакт на полицијата со граѓаните, во интерес на нивната безбедност и заштита.
Сепак, во меѓу време, откога не постои позорникарската служба во МВР, начинот на живот во македонското општеството стана подинамичен, па и поагресивен, а и големата исполитизираност на општествените односи предизвикува сомневања кај граѓаните за секакво легитимирање.
Кога оваа акција ќе се стави во контекст на наближувањето на изборите, неспроведениот попис на населението речиси дваесет години, па и ако се додадат медиумските „бомбардирања“ со реалната можност за нова мигрантска криза… ноќниот „теренски попис“ на позорникарската служба само може да создаде дополнителна психоза и вознемиреност кај населението.
– Не знам дали во МВР се консултираат со психолози и други стручни лица при планирањето на своите дејства во однос на безбедноста и заштитата на граѓаните, но би препорачал да си спроведат истражување дали го постигнале посакуваниот ефект од планираното дејство. Односно да утврдат дали од ваквата акција граѓаните се чувствуваат навистина побезбедни или се повеќе вознемирени.
Сите институции и професии, кои работат во служба на граѓаните, треба да внимаваат на начинот на кој ја извршуваат својата работа, кој треба да соодветствува со ефектот што сакаат да го постигнат, т.е. дали дејството е корисно за граѓаните или е повеќе вознемирувачко. Исто така, државните и јавните службеници треба да бидат обучени со комуникациски вештини, но треба да се знае дека комуникацијата не е иста во 10 часот наутро и во 21 часот, навечер – вели психологот Мирјана Стојановска-Јовановска.
Земајќи ја предвид комплексноста на полициската професија и видовите дејства што се спроведуваат, социологот Илија Ацески смета дека при секоја акција мора да се води сметка за елементарната заштита на интегритетот на граѓаните.
– Доколку се спроведува каква било акција од страна на службениците на МВР, во интерес и за заштита на граѓаните, секако, би требало да биде најавено и објаснето зошто таа се спроведува. Таквиот начин на постапување е соодветно поврзан со принципите на функционирање на демократските општества.
Сѐ поинаку, во голема мера би личело на непријатно вознемирување и не соодветствува на почитување на основните слободи на граѓаните, загарантирани во демократиите. Секако, најавите на оперативните дејства не се очекувани за акции поврзани со разоткривање криминал. Но ненајавени акции од страна на безбедносните органи, дури и кога се во интерес на подигнување на довербата кај населението, излегуваат од социолошкиот контекст и можат да предизвикаат спротивен ефект на создавање психоза и нервоза на граѓаните – вели социологот Илија Ацески.