Откако премиерот Зоран Заев и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, побараа да се реши сопственоста на домот, за да може да се реновира, десетина битолски планинари со лопати и копачи организираа акција за расчистување на остатоците од пожарот од пред пет години
„Сите за Копанки, Копанки за сите“ е мотото под кое група планинари и љубители на планината во Битола деновиве ја почнаа акцијата за расчистување на остатоците од катастрофалниот пожар што го зафати планинарскиот дом „Копанки“ пред повеќе од пет години.
Само неколку дена откако премиерот Зоран Заев и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, побараа да се реши сопственоста на домот, за да може да се реновира, десетина битолски планинари со лопати и копачи организираа акција за расчистување на остатоците од пожарот.
Таквата акција на планинарите некои ја протолкуваа како почеток на активностите на планинарскиот спортски клуб Пелистер за реконструкција на домот, кој наводно одлучил по своја иницијатива, со сопствени средства и доброволни прилози, да го обнови „Копанки “.
– Сега, откако по пет години по пожарот видовме дека никому не му дошло до реновирање на „Копанки“, ние сами ќе го направиме тоа, како што направија планинарите во далечната 1936 година, кога носејќи на раце камења и греди го изградија домот – велат некои планинари од ПСК Пелистер.
Интересно е што акцијата за расчистување на остатоците дојде веднаш откако градоначалничката Наташа Петровска со писмо побара од раководството на ПСК Пелистер да ѝ го отстапи објектот на општината Битола, за да може таа со свои средства да го реновира домот.
Во дописот до клубот градоначалничката Петровска меѓу другото напиша дека општината Битола е подготвена да изврши целосна реконструкција на домот, меѓутоа е спречена во тоа, поради приватната сопственост на домот.
– Имајќи ги предвид нашите претходни средби и разговори, а со цел конечно да го возобновиме функционирањето на објектот, ве покануваме да ѝ го отстапите домот на општината под услови прифатливи за вас, за да можеме целосно финансиски да го реализираме проектот – напиша во писмото испратено до раководството на ПСК Пелистер, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
Своја подготвеност да помогне во реконструкцијата и обновата на „Копанки“ неодамна даде и премиерот на Владата, Зоран Заев.
– Јас дадов насоки да се седне со планинарското друштво да се реши сопственоста, за понатаму да можат да се набават пари за реконструкција на домот, зашто правно формално треба да се издаде одобрение за да ги обезбедиме парите. Суштината е што никој не дава донации ни инвестиции кога знае дека таа не е јавно добро. А морам да кажам дека кога станува збор за реконструкција на домот, има интерес за донирање и за помагање, оти тоа е богатство на Република Македонија, на битолчани – рече премиерот Зоран Заев за време на посетата на Битола.
И кога се очекуваше дека ваквите понуди од Владата и од општината Битола ќе наидат на општо одобрување кај членовите на ПСК Пелистер, оттаму, наместо реакции на таквите понуди, дојде до доброволна акција за расчистување на остатоците од пожарот на домот.
– „Копанки“ е сопственост на планинарскиот клуб Пелистер и на никој друг. За тоа ние поседуваме имотен лист од катастарот. Откако изгоре домот, пред пет години, цели четири години упорно докажувавме дека тој е наша сопственост. Дури по пет години одење од врата на врата успеавме да го легализираме домот и да добиеме имотен лист дека тој е наш. Затоа сега нѐ чуди зошто треба да ѝ го префрлиме на општината, за таа да ни помогне да го реконструираме – вели првиот човек на ПСК Пелистер, Диме Попов, кој притоа нагласува дека планинарскиот дом „Копанки“ мора да се реконструира исклучиво како што беше во планинарски дом и никој не треба да помислува дека на неговите темели ќе гради хотел.
Планинарите инсистираат тие да бидат сопственици на домот, а надлежните општински и државни институции со свои средства да помогнат во неговата реконструкција.
– Ние целосно сме подготвени да почнеме со реконструкција на „Копанки“. За таа цел имаме изработено проект, имаме некои средства, но тие не се доволни за негова целосна обнова. Затоа треба да седнеме со општинското раководство и градоначалничката Наташа Петровска и да се договориме што ќе правиме со неговата обнова, затоа што навистина поминаа многу години од пожарот, а „Копанки“ и натаму остана како руина на Пелистер – вели претседателот на ПСК Пелистер, Диме Попов.
Тој додава дека со писмото од градоначалничката Наташа Петровска, таа е прва што писмено се понудила да побара да се решава судбината на домот. Сите други досегашни (по)нудени решенија биле само вербални, без никаква поткрепа. Но за да ѝ се отстапи домот на општината, потребно е да свика собрание на клубот, бидејќи во согласност со статутот никој нема право да го отуѓува домот.
На „Копанки“, и покрај неодамнешната акција за расчистување на објектот, сѐ уште можат да се видат последиците од пожарот. Од домот останаа само камењата и темелите. И наместо што поскоро да седнат сите заинтересирани страни и да се договорат кој, кога и на кој начин ќе го (воз)обнови домот, тие постојано се надмудруваат меѓу себе за неговата сопственост.
Додека планинарите и општинската администрација се надмудруваат кој и под какви услови треба да го реконструира планинарскиот дом „Копанки“, тој во срцето на националниот парк Пелистер стои целосно пеплосан, руиниран и запуштен, оставен на забот на времето, да пропаѓа.