Министерката за образование и наука Мила Царовска и директорот на Фонд за иновации и технолошки развој Коста Петров, денес го објавија јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи #4 – зелени проекти”, чија цел е поттикнување на креативното размислување кај децата и поддршка за истражувачки проекти базирани на научен метод.
Предизвикот се спроведува по четврти пат и е дел од концептот кој го развива ФИТР – „Фонд за млади умови”.
– Учениците основци и средношколци, студентите, младите истражувачи и научници сега се навистина во фокусот на институционалните заложби и тоа е видливо, токму преку обезбедувањето на повеќе финансиски средства и бројни можности какви што порано не биле достапни – рече Царовска, информирајќи дека досега преку трите објавени повици биле поддржани 90 училишни проекти во кои учествувале повеќе од 500 ученици и наставници од целата држава.
Таа очекува и оваа година да има голем интерес за учество на повикот, затоа што, како што рече, познавајќи ја креативноста на младите умови во нашите училишта и желбата да придонесат за нивната средина да биде подобро место за живеење во иднина, убедена е дека ќе пристигнат голем број иновативни проекти.
Повикот е наменет за сите основни и средни училишта, кои можат да аплицираат со истражувачки проекти од областа на природните и техничките науки, организирани во тимови од пет до десет ученици предводени од еден до двајца ментори.
Процесот на истражување треба да се основа на научен метод, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда/модификација на хипотеза по пат на експеримент и набљудување, а резултатите од истражувачкиот проект треба да бидат применливи во зачувување и унапредување на животната средина и биодиверзитетот.
Вкупниот фонд за овој предизвик изнесува 3.000.000 денари, а максималниот буџет за поединечен предлог проект треба да изнесува до 200.000 денари. За наставниците кои ќе ги водат ученичките тимови, ќе биде обезбедена награда во износ од 30.000 денари, наменети за набавка на дигитална опрема применлива во наставниот процес.
Предност ќе имаат проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите, односно имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично и се поднесени од училишта од рурални средини.
Предизвикот е отворен до 20.04.2021 година. Повеќе информации можат да се добијат на интернат страницата на Фондот за иновации и технолошки развој.