Европската комисија го избра проектот што Високата школа за новинарство и за односи со јавноста го спроведе со своите партнери – дневниот весник „Нова Македонија“ и Институтот за различности во медиумите од Лондон, како еден од 10 најдобри проекти за медиумска писменост во Европа за 2019 година
Европската комисија го избра проектот што Високата школа за новинарство и за односи со јавноста го спроведе со своите партнери – дневниот весник „Нова Македонија“ и Институтот за различности во медиумите од Лондон, како еден од 10 најдобри проекти за медиумска писменост во Европа за 2019 година. На 19 март во Брисел претставници на Високата школа ќе ги презентираат своите активности со кои ја промовираa медиумската писменост, со што ќе се обидат да освојат една од трите престижни награди што ги доделува Европската комисија:
– награда за најиновативен проект за медиумска писменост;
– награда за наједукативен проект за медиумска писменост; и
– награда за проект со најголем потенцијал за промоција на медиумската писменост.
Презентацијата на 10 најдобри кандидати ќе се одржи во рамки на конференцијата „Информирани граѓани во дигиталната ера“, која е еден од настаните на Европската недела за медиумска писменост што секоја година ја организира Еропската комисија. Посебна жири комисија, составена од реномирани професори и експерти за медиумска писменост ќе ја соопшти одлуката на последната сесија од конференцијата.
Високата школа ќе го претстави проектот МАМИЛ (Media Literacy in an age of news overabundance: Macedonian Coalition for Media and Information Literacy) што од 2016 до 2018 година го спроведе со своите партнери – дневниот весник „Нова Македонија“ и Институтот за различности во медиумите од Лондон. Проектот го финансираше Европската Унија.
Активностите на МАМИЛ беа насочени кон неколку целни групи: средношколци, граѓански организации и медиуми, и публиката. Сите вести беа (и се уште се) редовно објавувани на специјализираната веб страница за медиумска писменост www.medium.edu.mk.
Во текот на трите години средношколците беа вклучени како новинари во средношколскиот весник „Медиум“, кој е месечно издание кое 8 години излегува како подлисток во „Нова Македонија“, т.н. Медиумски лаборатории, односно интерактивните предавања за новинарството во средните училишта на кои предаваа предавачи од Високата школа и искусни новинари од весникот „Нова Македонија“, средношколскиот конкурс за најдобар медиумски производ „Изрази се преку медиумите“ и летниот камп за медиумска писменост на кој во јуни учествуваа 30 ученици кои за четири дена успеаја да продуциираат ТВ емисија и да направат фото стории. Секој декември Високата школа организира Медиумски ден на кој 10-тина медиуми, вклучувајќи ја и Македонската телевизија, се домаќини на 100тина средношколци кои изворно се запознаваат со работата на новинарите и функцијата на медиумите во општеството.
Високата школа во 2016тата година ја основаше Коалицијата за медиумска писменост, составена од осум граѓански организации и исто толку медиуми. Преку обуки и менторство, членовите на Коалицијата научија зошто е важна медиумската писменост и како секој може да биде активен чинител во општеството и да предизвика промена користејќи го потенцијалот што го нудат медиумите. Партнерствата меѓу медиумите и граѓанскиот сектор резултираа со медиумска продукција на содржини кои се однесуваа на правата на маргинализираните групи и едукација на публиката за работата на медиумите и јавниот интерес. Сите членови на Коалицијата се вклучија и во Мрежата за медиумска писменост што во 2017тата ја основата Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги.
Третиот сегмент на МАМИЛ е континуираната едукација за тоа зошто е битно критички да се перципираат медиумските содржини. Преку петте видеа Медиана, со младата јутјуберка Изебела Пан, Високата школа објасни пет аспекти на медиумската писменост: што е тоа, како да имаме одговорен и етички онлајн живот, да дознаеме за основите на новинарството, како да се справиме со лажните вести и како да бидеме ангажирана публика. Во соработка со Институтот за различности во медиумите, Високата школа го направи Прирачникот за медиумска писменост за млади, за медиуми и за граѓански организации (достапен на македонски, албански и англиски јазик).
Преку овој проект, во спроведоа две мошне значајни истражувања во областа: во 2016 Високата школа ги мапираше практиките и поимањето на медиумската писменост во средното образование, во граѓанскиот сектор и медиумите, сублимирани во извештајот Медиумската писменост во Македонија: алката што недостасува за активно граѓанство. Две години подоцна Високата школа го покани Бирото за развој на образованието да се вклучи во анализата на медиумската писменост во основното образование и наодите од ова истражување, кое нуди и компаративна анализа на третманот на медиумската писменост во Словенија, се преточени во Медиумската писменост во Македонија: обид за имплементација во основното образование. Истражувањето е достапно на македонски, албански и англиски јазик.
За сите активности во МАМИЛ проектот за медиумска писменост, погледнете го 15 минутното видео.