Името Македонија за прв пат е запишано од хеленскиот поет Хесиод, а е зачувано кај византискиот император Константин Порфирогенит. Се верува дека Македонија е именувана според епонимниот предок Македон. За значењето на името Македонија има неколку видувања. Според едно од нив, станува збор за античко балканско име што го содржи бригискиот збор за земја, впрочем Бригите (Фриги) се едни од најстарите жители на Македонија и Балканскиот Полуостров, а според Наде Проева Бригите се една од главните компоненти во етногенезата на античките Македонци.
Името Македонија низ вековите не исчезнува и постојано се сретнува, а ова е особено видливо во географските карти од 17 и 18 век. Во споменатите карти, авторите прават јасна дистинкција помеѓу Македонија и останатите земји.
Во една извонредно голема географска карта од 1794 година, јасно се разграничуваат Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Босна и другите балакнски земји. Се верува дека оваа карта е изработена врз основа истражувањата на Империјалната академија на науките во Санкт Петербург, а објавена е во атласот на Томас Кичин во 1797 година.